Нов обид за промена на Законот за амнестија, затворениците бараат условно укинување на казните

Од:

По првиот неуспешен обид да се промени Законот за амнестија по предлог на граѓанска иницијатива, со новата Влада и новото мнозинство во Собранието следува нова шанса. Граѓанската иницијатива за правата на осудениците со изменет предлог повторно ќе се обиде да направи промена во досегашниот Законот за амнестија.

Измените во новиот предлог се однесуваат на воспоставување условна амнестија за осудените лица, односно на осудениците од страна на судија да им биде одреден временски период во кој тие ќе бидат на слобода,но не смеат да сторат ново кривично дело. Должината на условната казна ќе се одредува во зависност од тежината на кривичното дело кое го сториле.

– Сите ослободени лица од условна амнестија не смеат да направат ново кривично дело. Доколку го сторат тоа, го одлежуваат делот од амнестијата и повторно се казнуваат за стореното кривично дело. Условната амнестија да биде според според тежината на делото од 30 до 50 отсто. Има полесни кривични дела кои не можат да бидат споредени со потешки кривични дела, вели за А1он Мери Николова која важи за предводник во иницијативата за правата на осудениците.

Новиот предлог-закон кој ќе биде доставен до Собранието предвидува казната за доживотните пресуди да се преименува од казна во букви во казна во бројки, односно доживотната пресуда да се преиначи во казна од 20 години.

Предлог законот ги опфаќа лицата во бегство за кои се предвидува повторување на судењето, но без притвор.

– Има голем број на лица во бегство кои сметаат дека се невини, а барано е да бидат затворени. Тие се сигурни дека нивните пресуди се наместени. Предлогот за овие лица е да им се одземат пасошите и да бидат под надзор, но не и дирекно да се затворат, вели Николова која смета дека неправедно осудените ќе бидат во подобра можност да се бранат додека се на слобода, за разлика од кога се затворени.

Според Николова, сите условно ослободени осуденици кои се невино осудени треба да имаат можност да побараат ревизија на кривичното дело кое го сториле. Доколку се утврди дека бесправно лежеле во затвор треба да добијат максимална парична исплата како оштета.

Во предлог – законот за амнестија се предвидува и ресоцијализација на осудениците во вид на советување, хуманитарни активности или работа која би се вршела еднаш неделно и на која осуденикот ќе биде условен да се појавува редовно.
По доставувањето на потписите до Владата и Собранието, што според Николова треба да се случи во текот на неделава, овие институции имаат рок од 15 дена да го достават предлогот на комисија на дневен ред или да одговорат. Доколку не го сторат тоа, осудениците најавија штрајк со глад во затворите, а според најавите ќе се протестира и пред портите на казнено поправните домови.

– Осудениците нема да прифатат никаква измена на предлог законот. Доколку институциите прават своја селекција, тие ќе преземат ригорозни мерки. Нема да отстапат од своите барања, вели Николова, која прогнозира дека овој пат предлог – законот ќе биде прифатен.

– Со овие услови што сега ги предлагаме очекувам законот да помине бидејќи со тоа ќе се заврши општа корисна работа на граѓаните. Во претходниот дел пропуштивме неколку работи, но овој пат би требало да ги поддржат измените, рече Николова.

Причината поради која во 2015 година не дојде до посакуваната промена на овој закон е Комисијата за правно политички систем кој не дозволи да се отвори дебата помеѓу пратениците за ова прашање.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Излегол од затвор, ја истепал сопругата, па и запалил дел од облеката

Приведени 17 припадници на затворската полиција вработени во К.П.Д. „Идризово“

Горан Наумовски

Обвинителството чека извештај за претресите во Идризово, официјална потврда за ископаните тунели се уште нема

Добитниците на Нобеловата награда бараат ослободување на политичките затвореници во Белорусија

Уапсен е бегалец од „Идризово“ осуден на 15 години затвор

Горан Наумовски

Затвореник од „Идризово“ сакал да избега во Албанија, уапсен е близу државната граница

Горан Наумовски