Процесот „Жан Моне“ во рамки на кој се одвиваа разговорите за новиот Деловник на Собранието, што беше донесен минатата недела, ќе се финализира во Париз со средба на која ќе присуствуваат македонските пратеници, службениците кои учествуваа во неговата изработка и неколкумината европратеници, чие посредство се случуваа разговорите.
Средбата ќе се одржи на 8 и 9 декември во куќата на Жан Моне во Париз, кој се смета за еден од основачите на Европската Унија.
Разговорите за новиот Деловник на Собранието започнаа во минатиот парламентарен состав и во него учествуваа повеќе пратеници од парламентарните партии, како и европратениците Илхан Ќучук, кој е известител за Северна Македонија во ЕП, Андреас Шидер, Марион Валсман, Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн.
Џафери на денешниот брифинг со новинарите истакна дека европратениците ќе достават извештај до Европарламентот за разговорите и за носењето на Деловникот.
Деловникот беше донесен со гласовите на сите пратенички групи во Собранието со исклучок на двајцата пратеници на Левица, а за време на парламентарното заседание се случи инцидент од страна на пратеникот Борислав Крмов кога беше искршен инветар на претседавачката маса во вредност од над девет илјади евра.
Џафери рече дека со наредниот Деловник, меѓу другото, нема да се дозволи седници почнати во 2020 година да не бидат завршени во 2023, како што е денес случај. Исто така претседателот на Собранието ќе мора да се избере во рок од три дена од конституирањето на новиот Парламент. Новиот Деловник предвидува и скратувања на други рокови и новини. Пратениците на Левица имаа забелешка за тоа што, според нив, со овој Деловник се создава неможност за „филибастеринг“.
На средбата со новинарите Џафери информираше и дека на огласот за член на Државната изборна комисија се пријавени четворица кандидати, како и дека законот не кажува дека партијата од која ќе се избере каднидатот во моментот кога се врши тоа треба да биде од опозиција. Не сакаше да ги коментира најавите од Алијанса на Албанците дека и тие имаат свој кандидат, оставајќи го тоа, како што кажа, на партиите. Укажа дека доколку сметаат дека на партиите им треба толкување на законот да бараат негово автентично толкување. Треба да се земе предвид, додаде тој, дека член на ДИК се избира со двотретинско мнозинство, како и дека доколку не се избере член тогаш постапката треба да се повтори.
Во однос на можноста Борис Кондарко, кој е актуелен член на ДИК, да стане нов член и претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за што интервјуата завршија во саботата, рече дека оние што ќе го вршат изборот треба да размислат за процедурите што треба да завршат до крајот на февруари.
Претседателот на Собранието Џафери информираше дека на 4 декември започнува комисиската расправа за предлог -Буџетот за 2024, што треба да заврши на 16 декември, а почетокот на пленарната седница е планиран за 21 или 22 декември. Најавена е уште една прераспределба на средствата од Буџетот за оваа година, а седницата за ова би била на 18, 19 и/или 20 декември.
Годишното обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски се планира за 19 декември, а последната седница за пратенички прашања за оваа година ќе биде закажана за 28 декември.