Само со вредни земјоделци кои вложуваат во своето производство и со помош од европските фондови, можеме да создадеме современи села со развиена инфраструктура и да обезбедиме достоен живот за идните генерации, порача министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство , Љупчо Николовски на денешната трибина со земјоделци во Пробиштип.
Министерот Николовски потенцираше дека во насока на создавање услови за развој на руралните средини и подобар живот за идните генерации, континуирано се преземаат мерки, како што е мерката за финансиска поддршка на неповратни 10.000 евра која што се објави деновиве. Оваа година мерката е со промените критериуми, односно предност и најмногу бодови ќе имаат младите земјоделци кои се невработени повеќе од 2 години, оние кои ќе набават добиток, кои се занимаваат со органско производство, и кои инвестираат во преработувачки капацитети.
„Со отворање на вратите кон ЕУ и НАТО овозможуваме сигурна иднина и подобар живот за идните генерации, за нашите деца. Нашето членство во Унијата значи подобри услови за развој на земјоделството и работа дома. Ако сега имаме на располагање 60 милиони евра од европската ИПАРД2 програма, со членството во НАТО и ЕУ, оваа поддршка ќе се зголеми неколкукратно. После поканата за членство во НАТО, веќе преговараме со 50-тина инвеститори кои сакаат да инвестираат во македонското земјоделство. Ни се отвораат огромни перспективи, затоа 30-ти септември е денот кога треба да излеземе и да гласа ЗА европска Македонија, за европско земјоделство. Идните генерации зависат од нас и од нашиот глас на 30-ти септември. Македонија има поддршка од целата меѓународна заедница, и мора да ја искористиме таа поддршка, оти значи поддршка за нови фондови, поддршка за земјоделството, за економијата, за да направиме држава со која ќе се гордееме“, изјави Николовски.
На трибината Николовски ги презентираше мерките кои досега се преземени во насока на развој на земјоделството како и за идните мерки на кои ќе се преземат во следниот период. Во таа насока Николовски ги информираше земјоделците, дека Владата интензивно работи на крупни капитални проекти особено во делот на подобрување на водостопанската инфраструктура. Резултат на преземените мерки за земјоделството, како што изјави Николовски, се статистичките податоци кои покажуваат дека во првото полугодие од годинава учеството на земјоделството во вкупната економија е над 3 отсто.
Николовски порача дека со влезот во НАТО и ЕУ, ќе се зголемат субвенциите за земјоделството кои ќе доаѓаат директно од буџетот на ЕУ, што ќе влијае врз зголемување на конкурентност ана македонските земјоделски производи, ќе има стабилни откупни цени, сигурен пласман и зголемен извоз, а сето тоа крајно ќе придонесе за пораст на учеството на земјоделството во вкупната економија.