Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека министерот за здравство денеска се изразил како сега да ја започнувал својата функција во здравството.
– Ќе формира комисии, ќе подготвува закони, ќе спроведува проекти во 2018 година, ќе подготвува ослободување од партиципација, ќе намалува цени на лекови и на медицински средства, но и покрај се вистината е дека и покрај сите ветувања, здравството на владата на СДС им е на последно место. Реформите и подобрувањата на здравствениот систем што ги ветуваа од СДС се сведоа само на празни ветувања. Падот на квалитетот на здравствените услуги резултираа со загубени детски животи за кои не се поведе одговорност пред јавноста. Дури и ветувањето за отворање на новата интензивна нега на Детската клиника се уште не е остварена, рече Николов.
Тој рече дека владата направила реваншистичка смена на врвни доктори и докажани професионалци, со луѓе кои имаат конфликт на интереси и се со правосилни пресуди, како и лица кои што ја злоупотребувале својата функција во здравството за земање мито.
– СДС не се ни обидува да направи напори за поправање на компјутерскиот томограф во струмичката болница, а еве веќе не работи ниту ангиографот во истата болница. Околу 100.000 пациенти сега се приморани на дополнителни трошоци да патуваат до Штип или Велес заради тоа што поправката на овој апарат не е ниту на повидок. Притисокот од пациенти врз терциерното здравство наместо да се намалува, се повеќе и повеќе се зголемува. Понатаму, докторите добија лажна надеж дека со животот на СДС ќе добијат покачена плата од 100.000 денари. Ниту денар не се покачи платата на докторите и на медицинскиот персонал во последните 3 месеци, вели Николов.
Според него, загрижува и фактот што од министерството кријат информации при појава на заразни заболувања и дека поради ваквото нетранспарентно и непосветено работење настана загуба на два животи во Гостивар, а епидемиолошките служби и понатаму не посветуваат доволно напори за санирање на проблемот.
– СДС ја запре изградбата на на новиот клинички центар во кампусот Мајка Тереза, и дополнително го укина ургентниот интернистички центар при што притисокот врз терциертното здравство уште повеќе се зголемува. Зградата не е ниту започната, а повеќе од јасно е дека во овој мандат СДС нема да започне со градба. Ветувањата ќе се множат, но дела нема да има. Најновата намера им е да го укинат системот за едукација и обука на специјалистите и наместо соодветна доедукација на нов медицински кадар, се обидуваат да воведат концепт на фабрикување на доктори кои ќе го немаат соодветното знаење и искуство за лекување на пациентите. Без соодветна обука на специјализантите тие наместо да работат и да се обучуваат и понатаму ќе пијат кафе, рече Николов.
Тој додаде дека здравството била една од областите во која најмногу се инвестираше во реформи и проекти во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а сега вртоглаво тоне.
– На граѓаните им треба стабилно здравство, стручни доктори и стручен медицински персонал, а не протежирани и неискусни лица со искуство само во злоупотреба на положбата и на пациентите, заврши Николов.