Кандидатот за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Николај Павловски, на денешната прес-конференција информираше дека жена кандидат за советник од оваа граѓанска иницијатива Христина Алексовска е нападната од страна на кандидатот за советник од редовите на СДСМ Момир Петрушевски, а случајот е пријавен во МВР.
„Насилствата не престануваат! Додека кандидатот за градоначалник од СДСМ Оливер Илиевски се слика со транспаренти за против насилство врз жени во политика, во исто време кандидат за советник од СДСМ Момир Петрушевски извршува насилно однесување врз кандидатка за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“.
Вчера, на 24.10.2021 околу 19:00 часот, во влез на зграда на бул. Октомвриска револуција, на нашата кандидатка за советничка Христина Алексовска на сила и е одземен пропаганден материјал од раце од страна на Момир Петрушевски кандидат за советник на СДСМ и истиот е демонстративно уништен. Случајот е пријавен во МВР“, рече Николај Павловски.
„Во изборна кампања, советник од тимот на Оливер Илиевски брутално се пресметува со жена, која е негов против кандидат! На овој начин ли се загаламе за еднакви можности на мажите и жените во политиката? Ова ли е начинот на кој сакате да победите на изборите!? Дали според вас ова е демократски чекор? Застрашувачки е сè што правите во изминатиот период!
Насилството беше одлика во минатите години, кога поединци од власта се пресметуваа со противниците исклучиво преку омаловажувања, физички пресметки, местенки! Вие оваа лекција сè уште ја немате научено!
И во текот на вчерашниот ден информиравме дека кандидатот за советник од нашата граѓанска иницијатива Реџеп Реџеповски физички е нападнат од страна на советник од СДСМ Самет Салиевски и неговиот татко во населбата Средорек. Случајот веднаш беше пријавен во МВР.
Но, злоупотребите и манипулациите никако да престанат, па така вчера наеднаш сакавте да ја смените ситуацијата и излеговте попладнето со информација дека наводно вашиот кандидат за советник е нападнат од тимот на Димитриевски. Колку срамно и понижувачки од ваша страна! Овие случаи само говорат за вас какви средства сакате да дојдете на власт.
Целиот изминат период се обидувате врз база на дезинформации, лажни обвинувања, црна пропаганда и местенки да победите во Куманово. Ама граѓаните се изјаснија во кого имаат доверба и вашите погубни политики од 19-ти век ги казнија!“, изјави кандидатот за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Николај Павловски.
„Почнавте со притисоци врз граѓани и вработени во државните институции, од нив баравте да доставуваат списоци со сигурни гласачи. Понатаму, лажно обвинувавте додека наши кандидати за советници вршеле наводен поткуп, а вистината е дека нив се обидуваа да ги наместат, случајот беше класичен обид за изнуда на средства од кандидат во време на изборен процес.
Еднаш не повикавте Министерството за внатрешни работи да ги истражи случаите, туку дури и ја злоупотребувате оваа институција преку министерот Оливер Спасовски. Државниот апарат е ставен во функција во Куманово. Министер за внатрешни работи повеќе е на средби со граѓани отколку самиот Оливер Илиевски, на средбите Спасовски зборува, а Илиевски како граѓанин присуствува и аплаудира! Веќе видовме дека началник на СВР Куманово е директно вклучен во изборна кампања спротивно на закон, присутен во штабови и партиски собири. Срамно!
Го повикуваме јавно обвинителство да постапи по допрен глас и да ги истражи овие злоупотреби и нерегуларности за кои има и низа фотографии јавно достапни на социјалните мрежи.
Ваквите притисоци, злоупотреби, местенки и дезинформации и овој пат нема да ви поминат затоа што граѓаните се уморни од водење на лоши политики.
Граѓаните сакаат да знаат што е тоа што ќе им го понудите за тие да имаат подобар живот. Тие сакаат да знаат кои се проектите кои ќе ги сработите во наредните 4 години. Граѓаните сакаат да знаат дека ќе имаат градоначалник кој ќе се грижи за нив, а не кој ќе практикува насилство!
На 31-ви октомври повторно граѓаните ќе ве казнат затоа што време е за друг тип на делување во политиката, каде идеите и предлозите за подобро живеење ќе се дискутираат, а не црната пропаганда која сакате да ја наметнете.
Во недела, на 31-ви октомври „За наше Куманово“ ќе издвојува уште една голема победа затоа што работиме исклучиво во интерес на граѓаните. Дали ви се допаѓало тоа или не на вас, граѓаните сакаат одговорна, чесна и вредна општина, во која вработените ќе работат без дискриминација према никого, каде граѓанинот ќе се почитува без разлика на неговата етничка, политичка или верска припадност.
Бидете сигурни дека на 31-ви октомври победуваат граѓаните, затоа што времето за деструкции одамна е завршено!“, додаде Николај Павловски.