Македонско-бугарскиот проблем е прашање на длабока емоција и помеѓу Македонците и помеѓу Бугарите. Згора на тоа, и од двете страни на границата има политичари и општественици кои ги изградиле и одржале своите кариери токму на овој проблем, вели Никола Тодоров, поранешен министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за бугарски „Дневник“.
Toj посочува дека ако проблемот го снема, ваквите политичари ќе останат и без видливост и без работа, бидејќи ќе ја снема потребата од нивното политичко егзистирање.
– Затоа таквите политичари и во Бугарија и во Македонија очајно се трудат проблемот помеѓу двете држави да остане жив, па многу често додаваат масло во огнот. А, кога се игра со емоции, со чувства, тогаш многу лесно се пали огнот, се креира омраза, поделба, непријателство. Балканот е таков со векови, бидејќи сите си патиме од хронична неспособност да погледнеме подалеку од носот. Во 2020 година кога Јапонците разговараат за летачки автомобили и кога претставија воз кој се движи со брзина од 380 км/ч, ние заглавени во историјата се расправаме за личности и настани од пред еден, два или десет века. Потоа се чудиме зошто сме децении зад нив и зошто нашиот квалитет на живот и стандард е далеку послаб од стандардот на развиениот свет. Затоа велам дека не сме способни да погледнеме нанапред подалеку, затоа што наместо напред, свртени сме наназад, кон минатото, па не можеме да видиме каде во меѓувреме отиде развиениот свет, вели Тодоров.
Според него, во македонско-бугарскиот спор има трета страна која поттикнува несогласувања.
-Се плашам дека во нашиов случај не е проблемот само помеѓу двајца, туку како да има и некој трет кој ги влече конците од заднина преку своите извршители во двете земји кои се добро маскирани како патриоти. Прилично сум сигурен дека има трет играч, кој е прилично моќен на глобално ниво и од него продуцира контролирана нестабилност во регионот, па од тие причини стимулира нестабилност, омраза помеѓу нациите и поттикнува конфликтност. Како на друг начин може да се протолкува фактот што е меѓудржавната Комисијата за историја за релативно кратко време најде и усогласи заедничко решение за св. Кирил и Методиј, свети Климент и Наум и цар Самуил, па наместо ова да биде поздравено и да претставува основа ние уште повеќе да се зближиме, наеднаш излегоа би рекол некои максималистички барања кои треба да се решат за неколку дена или недели. Личностите што ги споменав беше незамисливо да бидат предмет на каква било дискусија пред 5, 10, 20 или 50 години, но ете, сега, веројатно се нашло некое решение со кое и двете страни можат да живеат. Но, некому, изгледа тоа не му одговара, па се креираше огромен проблем кој целиот овој успех тежнее да го претвори во пепел, оценува Тодоров.
Според него, нашата држава згрешила што не го решила спорот со Грција во раните деведесетти години на минатиот век и што не влегла во ЕУ пред Бугарија. Овој проблем, како што додава, во таков случај немаше да постои.
Тодоров во интервјуто изразува и загриженост за опасностите што може да настанат доколку дојде до задоцнување на европската интеграција.
-Може да предизвика внатрешни политички конфликти, а на долг рок може да стане и причина за меѓуетнички недоразбирања во Македонија забавувањето на европските интеграции. Покрај на внатрешен план, може да предизвика и нестабилност на регионален план. По мене, логичното прашање е што повеќе ѝ одговара на Бугарија, дали да има непријател од другата страна на границата, кој не е член на ЕУ, или да има одличен пријател внатре во ЕУ. Ние сме сојузници во НАТО, ние сме соседи кои долго време делеле иста или слична судбина и имаме личности кои се важни за двата народа кои можат да не обединат и сплотат. Ако веќе сме сојузници во најмоќниот воено-политички сојуз на планетава, не гледам никаква логика во градењето непријателство и бариери помеѓу луѓето во двете земји, вели Тодоров за бугарски „Дневник“.