СВР Битола поднесе кривични пријави против три лица од Прилеп и едно правно лице, поради сомнение дека со повеќе кривични дела го оштетиле АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп за 3.338.328 денари.
Пријавен е 59-годишниот Љ.Б., кој во 2021 и 2022 година работел како координатор на група за обезбедување во Тутунскиот комбинат, за „проневера во службата“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“.
Кривична пријава е поднесена и против 60-годишниот К.С., кој во истиот период бил генерален извршен директор на комбинатот, за „несовесно работење во службата“.
Третопријавен е 41-годишниот Ј.Д., сопственик и управител на фирма од село Мало Коњари, која имала договор со Тутунскиот комбинат за откуп на отпадни материјали. Тој е пријавен за „прикривање“ и „фалсификување службена исправа“, додека фирмата е пријавена за „прикривање“.
Според МВР, во првото тримесечје од 2022 година, Љ.Б., спротивно на одлуката за продажба на основни средства и отпадни материјали, со одобрение од тогашниот генерален директор К.С., ја презел продажбата на отпадот наместо референтот задолжен за управување со отпад.
Во февруари 2022 година, Љ.Б. со помош на Ј.Д. наводно прикрил најмалку 185.000 килограми отпадно железо од Работната единица „Заводи – Мажучиште“ и не го евидентирал во сметките на комбинатот.
Отпадот бил предаден и откупен од фирмата од Мало Коњари по цена повисока за два денари од килограм, но наместо средствата да му бидат исплатени на Тутунскиот комбинат, биле изготвени фиктивни откупни белешки на име на осум физички лица, блиски на првопријавениот.
Парите потоа биле префрлани на сметките на седум лица, како и на личната сметка на Љ.Б. По подигнувањето во готово, средствата наводно му биле предавани нему.
На овој начин, според МВР, на сметките на физичките лица биле префрлени вкупно 3.338.328 денари, со што за истиот износ бил оштетен Тутунскиот комбинат.
Од продажбата на отпадното железо, пак, на сметката на АД „Тутунски комбинат“ од фирмата од Мало Коњари биле исплатени вкупно 1.274.560 денари.
