Невладините организации со бојкот на изборот на членови во Советот за соработка на Владата и граѓанскиот сектор

Од:

Деветнаесет невладини организации испратија писмо до Владата по повод јавниот повик за избор на членови на Советот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор, во кое наведуваат дека го бојкотираат изборот. Следува интегрално писмото на невладините организации.

Почитувани,

со оваа изјава, ние, долупотпишаните граѓански организации, бараме од Владата на Република Македонија:

Да го запре процесот за избор на претставници од граѓанското општество во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор (Советот); Да направи измени и дополнувања на донесената Одлука за формирање на Советот и; Да отвори консултативен процес со претставниците на граѓанските организации, во кој различните мислења и ставови за Советот ќе бидат земени предвид и усогласени согласно споредбените искуства и практики.

Имено, на 17 мај 2016 година, Владата на Република Македонија ја усвои Одлуката за формирање на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор. Веднаш по донесувањето на Одлуката, повеќе граѓански организации преку дописи (без можност за суштински консултации) укажаа на слабостите на усвоениот документ. Но, сепак на 23 мај 2016 година, Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија го објави Јавниот повик за избор на 13 членови на Советот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор од редот на здруженијата и фондациите. Со оваа постапка, Владата не ги зеде предвид препораките и укажувањата на организациите од граѓанското општество во врска со воспоставувањето на Советот и со тоа дополнително ја поткопа веќе кревката доверба меѓу државните институции и граѓанскиот сектор.

Со оваа наша заедничка изјава, повторно сакаме да ги афирмираме заложбите на граѓанските организации во контекст на донесената одлука, но и да ја информираме Владата дека ние, долупотпишаните организации, нема да учествуваме во процесот на избор на членови на Советот од редот на граѓанските организации. Својата заедничка определба ја темелиме на следните причини:

Прво, сметаме дека процесот на подготовка и усвојување на Одлуката не беше пропратен со соодветни и ефективни консултации со чинителите од граѓанското општество. Организациите имаа можност да се запознаат со новата содржина на Одлуката на два работни дена пред нејзино усвојување. Дадените мислења на информативната средба не беа земени предвид и исто така немаше можност за дополнителни писмени предлози;

Второ, во Советот е предвидена поголема бројност (мнозинска застапеност) на државни институции, наспроти претставници на граѓанските организации што е спротивно на добрите меѓународни практики. Така, во советодавните тела во регионот мнозинството членови се претставници на граѓанскиот сектор (Хрватска и Косово), или бројноста е еднаква (Црна Гора);

Трето, предложеното ниво на државни службеници не е во согласност со добрите меѓународни практики каде членовите во ваквите тела имаат раководни позиции и одлучувачки надлежности кои ќе обезбедат спроведување на предлозите на Советот во насока на унапредување на политиките за развој на граѓанското општество. Следствено, имајќи го предвид досегашното искуство, сметаме дека постои можноста ваквото тело да биде неефективно, во однос на целите за кои е воспоставено;

Четврто, сметаме дека предвидената постапка и начинот на спроведување на изборот на членовите на Советот од редот на граѓанските организации, а земајќи ги предвид кусите временски рокови и непрецизираните технички детали без обезбеден механизам за надгледување на процесот од страна на самите граѓански организации, го доведуваат во прашање фер изборот на членовите на Советот. Затоа, се залагаме за преосмислување на начинот на избор со учество на претставници на граѓанските организации во спроведувањето и следењето на изборот, или воспоставување модел (пр. Хрватска) кој ќе овозможи јасни правила за пријавување за гласање, а со тоа и контролиран процес на сигурност на дадениот глас;

Петто, покрај заложбите на граѓанските организации и укажувања во изминатите неколку години за важноста од воспоставување тело за меѓусебен дијалог каде што ќе се дискутира за клучните потреби, приоритети и предизвици на граѓанскиот сектор, сметаме дека тековното целокупно општествено-политичко опкружување е изразено неповолно за формирање тело со ваков карактер и значење и предлагаме негово воспоставување во политички стабилна ситуација.

Во таа насока, ја потсетуваме Владата дека тело како Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор треба да биде формирано врз база на заемна доверба и партнерство меѓу двата сектора. Длабоко сме убедени дека пристапот на еднострано формирање на телото нема да ги даде посакуваните резултати и е спротивно од целта на неговото формирање.

Се надеваме дека Владата на Република Македонија сериозно ќе ги земе предвид нашите укажувања. Во спротивно, остануваме на одлуката дека нема да учествуваме во процесот за избор на претставници од граѓанското општество.

Срдечно,

Асоцијација за демократски иницијативи Балканска мрежа за развој на граѓанското општество Еко свест Институт за демократија „Социетас Цивилис Скопје“ Институт за европска политика Конект Македонски центар за европско образование Македонски центар за меѓународна соработка ХДЗР Месечина Младински образовен форум МОСТ Национален совет за родова рамноправност Полио Плус Транспаренси Интернешнл Македонија Транспарентност Македонија Фондација отворено општество – Македонија ХОПС – Опции за здрав живот Скопје Центар за граѓански комуникации Центар за економски анализи

Би можело да ве интересира

НВО Инфо: Локалните власти да ја зајакнат транспарентноста при трошење на државните пари

Ана Ололовска

ВИДЕО: НВО бараат итно донесување на законот за спречување и заштита од дискриминација

Ана Ололовска

Фондот за Западен Балкан ги помага капацитетите на регионалните НВО во борбата против организираниот криминал

Ана Ололовска

Перцепцијата на граѓаните за работата на општинските инспекции: Инспекторите повеќе ги штитат моќниците отколку јавниот интерес

Ана Ололовска

НВО: Новиот закон за основно образование е чекор напред во заштитата од дискриминација и насилство во училиштата

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Револт кон власта: Потценувачка е сумата од 100 евра за издршка на лице со попреченост

Предраг Петровиќ