Во близина на струшкото село Теферич жители од албанска националност денеска се обидоа да постават постамент односно бетонско обележје со кој сакаа како што велат да одбележат 100 години од Македонско-Албанското востание во 1913 година против тогашниот окупатор.
Негираат дека споменикот ја означува Голема Албанија и рекоа дека на постаментот сакаат да биде испишан текст само на албански јазик. Жителите Македонци пак тврдат дека местото било црковно и дека некогаш на тоа место постоел крст. Од организациониот одбор потврдија дека се уште немаат дозвола за поставување на таков постамент, а според наши информации ниту општината за сега нема издадено дозвола за тоа.
Градоначалникот на Струга, Зијадин Села не беше достапен за коментар. Поставувањето на патоказни табли и знаци кои се испишани само на албански јазик како и албански знамиња стануваат практика во Струга и струшко што влијае дополнително и на меѓуетничките односи. Кон тоа упатуваат и последните случувања во селото Октиси кога верниците од муслиманска вероисповест не дозволија да бидат поставени темели за изградба на црква.
Денешниот настан помина без инциденти.
Постапката во општината ќе тече се додека не се добие правото да може да се направи соодветен објект или соодветна инфрасуктура и сепак тоа ќе зависи од општинските власти. Спомен плочата ќе биде напишана само на албански јазик изјави Ваит Ајро претседател на на организацион одбор на месните заедници на Теферич.
Директорот на струшкиот музеј, Сашо Цветковски рече дека стручната јавност треба да каже на кое место да биде поставен споменикот.
-Треба да поминат разговорите на претстојниот симпозиум помеѓу македонските и албанските историчари, по што науката ќе си го каже зборот и после тоа нормално треба да се отвори дебата на ниво на општина. Тука е и градоначалникот кој треба да даде свое мислење како и советот на општина Струга.
Мики Трајковски