Во текот на попладневните часови денеска, непознати лица исфрлиле огромен број документи на главната улица во скопската општина Ѓорче Петров.
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје интервенирале на терен и ги подигнале расфрланите отпадоци што ќе бидат доставени до Инспекторатот на Градот Скопје, со цел навремено да се откријат и санкционираат прекршителите на Законот за јавна чистота.
„Апелираме до граѓаните на градот Скопје во овој период особено да внимаваат каде и на кој начин го одлагаат својот комунален отпад, затоа што со ваквите постапки значително се зголемува и ризикот од ширење заразни заболувања. Отпадот треба да се одлага уредно спакуван и исклучиво во поставените садови, а не во нивната околина или на други јавни површини, со цел да се спречи евентуалното создавање диви депонии. Само преку правилното постапување со отпадот, ќе го заштитиме сопственото и јавното здравје„ – изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.