Нема случај на мајмунски сипаници кај нас, Здравство препорачува миење раце и избегнување контакти за заштита

Од:

Во Македонија нема регистриран случај на мајмунски сипаници, велат за „А1он“ од Министерството за здравство. Од таму нагласуваат дека за заштита од заболувањето важат мерките кои важат за сите инфективни заболувања.

„Од Институт за јавно здравје до Министерството за здравство нема пријавено случај со ваков вид заболување. Превентивните мерки важат како и за сите инфективни заболувања- редовно одржување лична хигиена, миење раце, избегнување контакт со лица кои имаат симптоми на заразно заболување, избегнување собири и сл. Како и во другите случаи со инфективни заболувања, веднаш е потребна консултација со матичниот доктор или Инфективната клиника“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.

Од Комисијата за заразни болести велат дека засега не се планираат ограничувања за заштита од заболувањето. Мајмунските сипаници ќе бидат на дневен ред на состанокот на Комисијата в среда.

„Имаме редовна комуникација во Комисијата за заразни болести и ја следиме состојбата во светот, го следиме препораките на Светската здравствена организација од каде во моментов не предвидуваат ограничување на движењето на луѓе и стока за земјиште каде што не се регистрирани мајмунските сипаници. Во среда е закажан состанок на Комисијата за заразни болести на кој една од точките за расправа ќе бидат мајмунските сипаници“, вели доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата, за „А1он“.

Утрово белгиските здравствени власти соопштија дека воведуваат 21 – дневен карантин за оние кај кои ќе биде потврдена зараза со мајмунски сипаници откако заболувањето беше регистрирано во 14 земји. Бројот на потврдени случаи на заразени со мајмунски сипаници за една недела по појавата на првиот случај се искачи на 92 случаи ширум светот.

Осип на кожата кој најчесто почнува на лицето, а потоа зафаќа и други делови на телото, треска, зголемена температура и болки во мускулите се симптомите на зараза со мајмунски сипаници. Се пренесува преку близок контакт со инфицирани животни, мајмуни и глодачи и проширена е во Централна и Западна Африка. Токму затоа здравствените власти ширум светот советуваат лицата кои се враќаат од Африка доколку забележат промени на кожата веднаш да побараат помош.

Би можело да ве интересира

СЗО објави нов термин за мајмунски сипаници

А1он

Британски истражувачи: Мајмунските сипаници можат да се шират и пред симптомите

Истражувачи од Кина развија брзи тестови за вирусот на мајмунски сипаници

А1он

Прв смртен случај поврзан со мајмунски сипаници во Лос Анџелес

А1он

СЗО: Забавува епидемијата на мајмунски сипаници во Европа

Ана Ололовска

Италијанец позитивен на мајмунски сипаници, Ковид-19 и ХИВ

Ана Ололовска