Повеќето демократски влади во светот ги сметаат изборите за граѓанско право. Некои сметаат дека учеството на избори е и граѓанска одговорност на граѓаните. Сепак, повеќе од 20 земји го направија правото обврска – односно имаат задолжителното гласање за нивните граѓани. Некои одат дотаму што воведуваат санкции за оние кои нема да гласаат.
Во Македонија гласањето е граѓанско право. Но право кое носи и санкции доколку се прекршат предвидени правила. Санкциите може да се парични, но и затворски казни. А постои и член од законот кој вели – Задолжително изрекување на казната забрана за вршење на професија, дејност или должност за некои од кривичните дела поврзано со изборите.
Сепак во некои земји, каде што гласањето се смета за обврска, гласањето на избори стана задолжително и регулирано со националните устави и изборните закони. Некои земји одат дотаму што воведуваат санкции за оние што нема да гласаат.
Земји каде што гласањето е задолжително: Австралија, Аргентина, Белгија, Боливија, Бразил, Конго, Костарика, Еквадор, Египет, Грција, Хондурас, Либан, Лихтенштајн Луксембург, Мексико, Науру, Парагвај, Перу, Самоа, Сингапур, Тајланд, Турција, Уругвај.
Гласањето е задолжително во некои американски држави, еден швајцарски кантон и три региони на Австрија.
Задолжителното гласање не е нов концепт. Некои од првите земји кои воведоа закони за задолжително гласање беа Белгија во 1892 година, Аргентина во 1914 година и Австралија во 1924 година.
Има и примери на земји како Венецуела и Холандија кои практикуваа задолжително гласање, но го укинаа.
Во земјите каде што гласањето е задолжително, оние што не гласаат мора да дадат легитимна причина за нивното воздржување за да избегнат дополнителни санкции, доколку ги има.
Во некои држави има казни. а сумата варира од земја до земја, во Австралија на пример се движи од 20 до 50 долари, во Аргентина од 50 до 500 пезоси.
Можна е и затворска казна, но досега во пракса не е документиран таков случај, а тоа се предвидува доколку и по опомена не се плати казната.
Некои земји можат да ги казнат оние што нема да излезат да гласаат со одземање на одредени граѓански права.
Во Белгија на граѓанинот кој нема да гласа на четири избори во рок од 15 години ќе му биде одземено правото на глас. Во Перу, гласачот мора да носи картичка со печат неколку месеци по изборите како доказ дека гласал. Овој печат е потребен за да се добијат некои административни услуги.
Во Сингапур, гласачот е отстранет од избирачкиот список додека тој/таа повторно не поднесе барање за вклучување и не обезбеди легитимна причина за негласање.
Во Боливија на гласачот му се дава картичка по гласањето за да може да го докаже своето учество. Доколку ја нема таа книшка, три месеци по изборот е спречен да зема плата.
Исто така, во Белгија е тешко да се вработите во јавната администрација ако не гласате на избори.
Други земји, како Грција, немаат официјално пропишани мерки за санкционирање на оние кои не гласале. Сепак, граѓаните може да се соочат со некои административни пречки при добивањето, на пример, возачка дозвола.
Во Македонија се казнуваат сите сторители на кривични дела поврзани со изборите. Во изминатите изборни циклуси обично се пријавува поткуп при гласање. Исто така се пријавува фотографирање на гласачите ливчиња, спреченост на граѓаните во нивното избирачкo право итн.
Во пресрет на изборите во Македонија, Јавното обвинителство повторно ја активира Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
За претседател на комисијата е определен јавниот обвинител Џељаљ Бајрами. Во привремената Комисија членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Дела кој се казниви за време на избори според македонскиот кривичен закон се следните:
Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку 3 години. Со употреба на оружје, експлозивни или други опасни направи, со примена на насилство спрема две или повеќе лица или во организирана група, или на подрачјето на две или повеќе избирачки места, ќе се казни со затвор од една до десет години.
Тој што на избори или гласање ќе гласа наместо друг или ќе гласа повеќе од еднаш, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.
Тој што при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци. Ќе се казни и тој што со употреба на сила, сериозна закана, искористување на службена, работна или економска зависност и на друг начин, ќе издејствува од друг да каже дали гласал или како гласал.
Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку 5 години.