Нема опасност од линданот, пожарот во „ОХИС“ локализиран

Од:

Не постои опасност за жителите на општината Кисела Вода, ниту за Градот Скопје, бидејќи пожарот е локализиран. Најголем дел од хемикалиите веќе се отстранети од „ОХИС“ и од дворот на фабриката, изјави попладнево градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.

Според Темелковски кој беше на опожарената локација, линданот е на безбедно место.

-Среќна околност е и што навреме реагираа противпожарните единици на Градот Скопје. Од информациите што ги имаме од луѓето кои ги контактиравме во меѓувреме, линданот е на длабочина до која не може да допре огнот, така што нема во моментов опасност и од пожар таму, истакна Темелковски.

Ѕвонко Томевски, заменик-командир на Противпожарната бригада која со четири возила се вклучи во гасењето на пожарот во „ОХИС“, изјави дека сега се работи на догасување. Тој не  можеше да прецизира од што избувнал пожарот. Во кругот на фабриката виделе само дека гори на три независни места.

-Испратени беа првично две возила кои почнаа со гасење, додека стигна останатата помош ни требаше малку време за да го сузбиеме целиот тој пожар. За жал, имаме колега кој вдишал малку повеќе чад, се надевам дека ќе биде добро, немаме информација. Пожарот мора да се догаси, да се расчисти теренот, па потоа да се види какво оштетување има на лице место, рече Томевски.

Противпожарната бригада за само 2,5 часа денеска во Скопје имала 24 – 25 интервенции.

-Имавме тежок, исклучително тежок ден. Веќе престанавме да ги броиме интервенциите. Беа околу 24-25  во период од два до два и пол часа, по засилувањето на ветерот. Сите ресурси ни беа активни на терен во градот Скопје. Имаме голем активен пожар во Горно Блаце, имавме пожар во Општина Нагоричане таму имавме три пожари на три локалитети, Раовиќ, Копаница, имавме пожар во Парк шума Водно над Етно Село, имавме пожар во Добри Дол,… не можам веќе да се сетам. Сите беа критични, за наша среќа успеваме некако да се носиме и со овој предизвик иако сме веќе исцрпени, на крај на сили, напомена Томевски.

Пожарот во „ОХИС“ избувна попладнево поради што беше затворен и патот кон Драчево. Еден од пожарникарите заврши во болница зашто вдишал чад.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Ставен под контрола пожарот во кичевско

Катерина Ѓуровски

Осум пожари во изминатото деноноќие, активен пожарот кај кичевското село Цер

Пожари на отворено во скопските општини Бутел, Карпош и Сарај

Пожарникари од Радовиш цела ноќ гаснеле опожарена дабова шума, пожарот се уште активен

Катерина Ѓуровски

ЦУК: Забрана за движење кај стрелиштето „Леково“, пожари во Кавадарци и Велес

Осум пожари на отворено во изминатото деноноќие