Три месеци нема одговор чија е вината за пожарот во тетовската модуларна болница, каде 14 пациенти и членови на семејства ги изгубија животите. Постапката која ја води Обвинителството е и натаму во предистрага. Она што се презема целиот период е распит на сведоци кои имаат сознанија за настанот. Вештачењата е завршени, а се чека и германскиот извештај. „А1он“ во Обвинителството праша дали мислењето на германските истражители ќе може да се користи во евентуална судска постапка, но нема конкретен одговор.
„Се очекува вештачењето од германските експерти кое беше побарано преку меѓународна правна помош и кое претставува битен сегмент за утврдување на фактичката состојба“, велат од Обвинителството.
Досега, завршени се три вештачења. Првото е направено од Министерството за внатрешни работи, од кое се утврди дека спој на струја за време на реанимација на пациент прегреал продолжен кабел по што настанал пожарот. Второто е од Технолошкиот факултет, за кое нема детали до какви сознанија е дојдено и третото е направено од електроинженер околу инсталациите во болницата.
„Извештаите се пристигнати во обвинителството и се анализираат во корелација со останатите пристигнати докази. Во меѓувреме се сослушуваат сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот“, велат од Обвинителството.
Во страотниот пожар кој ја пеплоса модуларната болница во Тетово, со себе однесе и 14 животи на пациенти кои се лекуваа од коронавирус, но и членови на семејствата кои биле внатре во критичниот момент. 14 лица, беа спасени пред објектот целосно да изгоре.