Комисијата за заразни болести нема да предложи нови мерки по огромниот скок на бројот на новозаразени и по новите потврдени случаи на сојот омикрон. Вчерашната бројка од 1197 новозаразени со Ковид–19, здравствените власти очекуваат да се надмине и бројката на нови случаи да биде поголема, но повторно воведување ограничувања нема.
„Што се однесува на мерките за заштита од ширење на вирусот засега нема измена на истите“, кусо одговорија од Министерството за здравство на прашањата од „А1он“ дали по забрзаното ширење на вирусот се размислува за воведување нови мерки за заштита.
Оваа недела Комисијата за заразни болести нема да побара ниту скратување на изолацијата на позитивните пациенти кои немаат симптоми.
„Комисијата за заразни болести во моментов нема да предложи измени за скратување на периодот на изолација, но се размислува во таа насока и на следниот состанок наредната седмица ќе се зборува во тој правец“, велат од Министерството за здравство.
Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија преку социјалните мрежи вчера предупреди дека ако не се сменат протоколите за изолација на контактите со Ковид болните и не се намали времето за изолација на позитивните, на 10 јануари ќе нема кој да работи во државата.
Намалување на деновите за изолација минатата недела препорача Американскиот центар за контрола и спречување болести, а препораката ја прифатија многу земји во светот соочени со забрзано ширење на сојот омикрон.
Кај нас, според важечкиот протокол, позитивните лица кои имаат симптоми добиваат 20-дневна изолација, а оние без симптоми треба да останат во изолација 10 дена.