Советникот Нефи Усеини нема да биде гонет од обвинителството за нападот врз професорот Илјаз Илјази што се случи пред еден месец. Од Министерството за внатрешни работи велат дека по консултација со Јавен обвинител поднеле прекршочна пријава, што значи дека нема да се бара кривична одговорност од Усеини. Оттаму не објаснуваат за кое дело се товари Усеини, а неофицијално, пријавата против него е за нарушување јавен ред и мир.
„Во врска со овој случај, Н.У. беше веднаш повикан во полициска станица и по консултација со Јавен обвинител му е поднесена прекршочна пријава до надлежниот суд, како што е предвидено според законот за вакви случаи“, велат од МВР за „А1он“.
Нејасно е со кој обвинител од ОЈО Охрид се консултирало СВР Охрид, бидејќи од обвинителството за „А1он“ изјавија дека до нив не е стигнато известување, ниту, пак, кривична пријава за тепачката меѓу Усеини и Илјази.
„До нас не е доставено известување или кривична пријава“, изјавија од Основното јавно обвинителство.
Адвокати велат дека нападот врз Илјази може да се гони и како кривично дело насилство, бидејќи за време на инцидентот Усеини извршил физички напад, но и вербално се заканувал на сопругата и ќерката на оштетениот.
„Тој што малтретира некого, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и со тоа во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“, пишува во членот 386 од Кривичниот законик.
Илјаз Илјази минатата недела за „А1он“ рече дека од полицијата му кажале дека Усеини ќе го гонат по службена должност, доставувајќи ја пријавата од обвинителството. Тој потенцираше дека и приватно ќе го гони советникот Усеини, доколку институциите не постапат.
За дел од нападот има и видеоматеријал, кој бил доставен и до полицијата. На него се слуша како советникот ја навредува и ѝ се заканува на ќерката на Илјази, која го снима видеото, велејќи ѝ „Да ти ја е*** камерата, ќе те фрлам од таму“.