Недостигаат онколози и патолози, Таравари најаува можен мораториум за одредени специјализации

Од:

Министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски ја посетија Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје. Тие попладнево разговараа со дел од вработените и со директорот Игор Стојковски за проблемите со коишто се соочува Клиниката, по што истакнаа дека ќе бараат брзи решенија за граѓаните да имаат што е можно поквалитетна здравствена услуга.

За идната недела е договорен нов состанок, како што беше појаснето, за да се подготви специјален извештај и во Влада да се разговара за проблемите на Клиниката, особено околу дефицитот на кадар.

– Исто така поразговаравме и за тоа како можеме во што поскоро време да ги активираме амбулантите во Тетово, ГОБ „8 Септември“ и во Битола. И таму има одредени недостатоци на кадар, појасни министерот.

Таравари истакна дека ќе инсистира да се дозволат вработувања, со цел да не се преоптоварува вработениот персонал.

– За жал, многу од кадрите си одат надвор, меѓутоа, ме известуваат дека имаме кадар што може веднаш да го активираме. И физичари и технолози и доктори и медицински сестри. Но, нормално, за овој кадар да биде како што треба, ќе треба месеци и години, додаде министерот.

Тој информираше дека денеска ќе го посети и Институтот за патологија, да види како стојат работите таму. Во понеделник најави средба и со деканот на Медицинскиот факултет, бидејќи смета оти потребна е стратегија за специјализации. Меѓу другото, соопшти дека се размислува како да се мотивираат докторите да специјализираат што повеќе и онкологија и патологија.

Директорот на Клиниката Стојковски, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека имало проблем со еден од лековите наменет за пациенти на оваа клиника.

– Работиме на проблемот да го решиме и се надеваме дека во најбрз временски период ќе го има лекот, истакна Стојковски.

Директорот на ФЗО Клековски посочи дека за сите подрачја, смета дека граѓаните заслужуваат лекови од најнова генерација, а не од пред 30 години. Тој рече дека планираат комуникација не само со здружение на пациенти од оваа клиника, туку и со дијабет и со сите други болести.

Пациентката Ана Марјановиќ во изјава за МИА рече дека за пациентите на која било клиника, па така и на Онкологија и на Хематологија, најзначајно е брзо решавање на Позитивната листа на лекови, очекуваат промени и да се видат резултати.

– Ние се придружуваме на „Хемаонко“ здружението, за да направиме нешто повеќе за онколошките пациенти. И она што во овој момент сметаме дека е најзначајно, да се има слух и да се има соработка со здружението и со пациентите, бидејќи од прва рака најдобро ги знаеме проблемите, подвлече Марјановиќ.

Таа кажа дека во план им е да ги споредат нивните листи со оние на надлежните, околу тоа кои лекови треба да се стават на Позитивната листа, за да се види дали е тоа она што тие го бараат како пациенти, бидејќи некаде надвор покажало многу добри резултати.

Би можело да ве интересира

„ВРЕДИ“ го подготвува Законот за правична застапеност, следната недела ќе има јавна дебата

Катерина Ѓуровски

Етничката припадност е уставна категорија, ќе има нов закон наместо „балансерот“ реагира Таравари

Таравари би се сретнал со Ахмети, но не му е јасно што би зборувале

Катерина Ѓуровски

Се испитува смртта на 14-месечното бебе, инспектори на Детската клиника и болницата Козле

Таравари потврди дека бебето кое почина било одбиено за хоспитализација на Детската клиника

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски