„Иницијатива за заедничко родителство по развод“ и „Иницијативата 5 до 12“, со поддршка на Првата детска амбасада „Меѓаши“, денеска потпишаа Меморандум за соработка. Заедничкото барање на овие две иницијативи е државата, секогаш кога може, да ги задржи еднаквите родителски права на родителите по развод, а кога едниот родител не сака да го користи правото да биде со децата, да не може да ги избегне обврските.
Двете иницијативи одлучиле да соработуваат и почесто да ги актуализираат нивните проблеми откако им било кажано дека решенија можат да очекуваат 2019 година.
– По првпат политичка партија заедничкото родителство го стави во своја програма. Првпат имаме министер кој сака да го реши овој проблем. Сметавме дека решението ќе дојде брзо. Сепак, на крај на месецот јули, кога имавме состанок со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, бевме известени дека, иако Министерството сака брзо да најде решение, на него може да се надеваме во 2019 година затоа што има други реформи коишто треба да се направат, изјави Наум Рибарски од „Иницијативата за заедничко родителство“.
Тој информираше дека секоја недела ќе претставуваат по еден загрижувачки случај, за да покажат дека надлежните постапуваат спротивно на интересите на децата. Од оваа иницијатива ќе актуализираат случаи на деца од разведени родители, кои сега се возрасни лица, кои ќе сведочат како овој систем негативно влијаел врз нивниот развој.
– Министерката има одлична пракса секој петок да има средби со граѓаните. Ние планираме еднаш месечно по неколку случаи да ги изложуваме пред министерката и пред надлежните служби. Со надеж дека, наместо да добиваме одговор дека центрите за социјалана работа правилно постапиле оти ја следеле процедурата, тие случаи навистина да се отворат, истакна Рибарски.
Сузана Стојановска од „Иницијативата 5 до 12“ говореше за тешкотиите со кои се соочува родителот, кој по развод треба да се грижи за своето дете со посебни потреби.
– Нашите деца се маргинализирани, а родителите се принудени да бида социјални случаеви. Овие деца можат да придонесат за општеството само треба да им се даде шанса. Ние имаме барања за измени на неколку закони, вклучително и законот за семејство, со кој не се опфатени децата со посебни потреби. Родителите со деца со посебни потреби се соочуваат со голготи во здравствениот, образовниот и социјалниот систем. Овие деца бараат нега 24/7, 365 дена во годината и повлекуваат трошоци кои еднородителските семејства не можат да ги обезбедат, истакна Стојановска, која побара државата да им помогне финансиски на еднородителските семејства со деца со посебни потреби, и воопшто на семејствата кои имаат такви деца.
Драги Змијанац од „Меѓаши“ рече дека, Детската амбасада ги поддржува двете иницијативи не поради татковците и мајките, туку поради децата.
– Со поддршка на двете иницијативи им даваме надеж на децата дека тие не треба да бидат загрижени кога нивните родители се разведуваат и оти не го губат полниот родителски капацитет, рече Змијанац, кој потенцираше дека на децата им требаат двајцата родители и оти тие ги сакаат и мајката и таткото подеднакво.