Неделава треба да бидат познати експертите за уставни измени, работната група ќе ги формулира предлозите

Од:

Министерството за правда се очекува оваа недела да ги објави имињата на експертите кои ќе бидат дел од работната група за уставни измени, откако минатата недела беа објавени имињата на претставниците на политичките партии и институции кои ќе бидат дел од ова тело. Работната група, пак, се очекува да се состане при што ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот изјави дека Бугарите во македонскиот Устав можат да бидат впишани единствено како дел од бугарскиот народ и никако поинаку, отфрлувајќи ја можноста формулацијата „македонски Бугари“ да влезе во Уставот.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека наскоро Министерството за правда ќе ги објави имињата на експертите од академската фела кои се занимавале со уставна проблематика во пракса.

Постапката за уставни измени, според Ковачевски, треба да почне и тој верува дека Собранието има демократски капацитет за овој процес. Во однос на противењето на опозицијата за уставните измени, Ковачевски вели дека опозицијата многу често ги менува своите ставови.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ најави дека работната група за уставни измени ќе се состане по празниците и ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија.

И заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ минатата недела изјави дека внесувањето на другите народи во Преамбулата на Уставот нема да го загрози идентитетот на македонскиот народ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во петокот на заедничката прес-конференција со неговиот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено во Скопје, рече дека уставните измени се точно прецизирани во потпишаниот Протокол со Бугарија, како ќе изгледаат и каде ќе биде позицијата на Бугарите во Уставот.

Османи се осврна и на наводното барање Софија да биде вклучена во процесот на впишувањето на Бугарите во Уставот.

-Тука сакам да се надоврзам на тоа дека имаше одредени шпекулации дека Милков во НАТО барал од мене да бидат дел од комисијата. Сакам и тоа да го расчистам бидејќи немав прилика. Тоа што Милков ми го кажа на церемонијата за подигање на финското знаме, беше дека наводно слушнале шпекулации и дека ние сме презентирале на одредени држави формулации за уставните измени бидејќи сакаат и тие да бидат информирани исто така, за да нема недоразбирање. Тоа беше неговиот коментар, на што јас му одговорив дека прво, не е точно дека некому сме презентирале затоа што комисијата се уште не е состаната. Второ, дека не може да има недоразбирање, затоа што точно во Протоколот стои како ќе изгледаат уставните измени, и во кои делови од Уставот, и трето, дека ќе има јавна дебата за тоа, па сите ќе бидат подеднакво информирани, рече Османи.

Според потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев, дел од функционерите и раководството на ВМРО-ДПМНЕ испраќаат сигнали на поддршка за уставните измени.

Партиите за членови во работната група за уставни измени ги предложија Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.

Од институциите предложени се Александар Спасов од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.

Ова работно тело е задолжено од Владата да ја подготви Предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови, информираат од Министерството за правда.

Претседателот на државата Стево Пендаровски минатата недела нагласи дека ги поддржува уставните измени, но напомена дека не е оптимист за договор меѓу политичките партии околу промените на Уставот.

Тој оцени дека опозициските партии, пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ, „тераат партиска политика, а не државна политика“ и оти, како што рече, сакаат прво да дојдат на власт, а потоа да размислуваат за две третини.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, минатата недела при посета на Зрновци на прашање од новинарите за негов коментар за уставните измени, повтори дека за него тоа е завршена работа и нема што да коментира.

Би можело да ве интересира

Порака од Германија: Сакаме да ја видиме Северна Македонија во ЕУ, сега е важно да се продолжи со уставните измени

Ахмети ја објави декларацијата потпишана со коалицијата „Вреди“за уставни измени

Предраг Петровиќ

Меџити: Сакаме да бидеме фактор во влада која ќе биде европски ориентирана

Александар Тодески

Биљал Касами: Нашата програма ќе биде дел од идната владина програма и во неа се состојат уставните измени

Меџити не кажува дали Уставните измени остануваат услов за формирање на влада: Сега сме фокусирани на победата

Гир: Очекуваме спроведување на уставните измени за продолжување на патот на земјата кон ЕУ

Предраг Петровиќ