Движењето „Одлучно за промени” го објави Никола Пановски како носител на листата за Град Скопје и кандидатот за градоначалник на Скопје, Бени Шаќири.
„Се работи за личности кои се исклучително ценети во својата професија, луѓе со авторитет, чесни и искрени, стари скопјани. Се работи за луѓе кои ќе работат во интерес на граѓаните, кои интересот на Скопје ќе го стават пред се’ и над се’. Луѓе кои ќе обединуваат!“, кажа лидерот на ЛДП, Горан Милевски.
Рок музичарот, Бени Шаќири, пред две години не стана директор на МКЦ, откако Град Скопје го поништи конкурсот, а по претходна петиција на 250 уметници и културни работници кои се спротивставија да раководи со институцијата за која според нив немал соодветно искуство. Иако беше нивен избор, од Градот го послушаа гласот на уметниците. Изборот на директор на МКЦ го врши градоначалникот Петре Шилегов бидејќи оваа културна институција е под надлежност на Градот. Шаќири редовно досега настапуваше во музичкиот дел на кампањите на СДСМ. Сега по неуспешниот избор за директор на МКЦ, ќе се трка против Шилегов за Град Скопје, од кого пак, сега вели бил разочаран.
-Јас, како активен учесник во рушење на еден режим, дадов глас и се залагав сесрдно да помогнам да се менуваат работите на подобро. Јас, како граѓанин на Град Скопје, сум лично изневерен. Така што, мислам дека треба да се обидеме сите заедно да направиме барем нешто што може да нè натера да успееме да го направиме овој град достоинствен за живот. Какви се денеска состојбите мене воопшто не ми се допаѓа и токму тоа е мојот мотив да се вклучам во овој процес, па макар и изгубил. Доста молчевме и доста дозволувавме да доаѓаат маргиналци, да нè водат во пропаст. Конечно на Скопје му треба нормален градоначалник и нормален прв човек и носител на листа во Советот на Град Скопје, рече Шаќири на промоцијата.
Кога очекуваше да биде назначен за директор на МКЦ, Шаќири немаше вакво мислиење за градот и за Шилегов.