Семејството на 38 – годишниот Булент Ибрахим, починат од сепса по операција на хемороиди, е во нов шок по одлуката на Обвинителството да ја отфрли кривичната пријава против Ѕвонко Николовски кој ја направил операцијата, против Крсто Митаноски кој ја отстапил операционата сала и против анестезиологот Снежана Каваин. Основното јавно обвинителство Скопје денес соопшти дека не е најдена лекарска грешка, односно нема значителни отстапувања од правилата на медицината кои придонеле за влошување на здравствената состојба на пациентот.
Семејството не го добило ниту пак е известено за решението на Обвинителството. За одлуката дознаа од медиумите.
„ Не може да не е лекарска грешка, операција на црно! Ова е пародија. Лекарската комора нашла дека оперативниот зафат и лекувањето на мојот сопруг биле спроведени без стручни пропусти, согласно упатствата на медицината базирана на докази! – Која небулоза народе! Господе боже! Ова е пародија од Обвинителство и Лекарска комора! Булент беше опериран на црно, операцијата беше спроведена на црно, без поседување на дозвола за извршување на операција од страна на убиецот доктор Ѕвонко Николовски во нестерилна, без никакви хигиенски и санитарни услови, во изнајмена сала за која исто така немаше дозвола за извршување на оперативни зафати! По операција лекуван во домашни услови со физиолошки раствор! И според ова, за Лекарската комора немало никакви пропусти, а мојот сопруг почина од сепса, причинета од стрептокока најдена во крвта! Дали обвинителката Наташа Гоџоска е платена да ја отфрли кривичната пријава или слугува на интересите на фамилијата на убиецот Ѕвонко Николовски!“, прашува сопругата на Булент, Едита Ибрахим.
Таа смета дека ваква одлука е срамота за правдата и Основното јавно обвинителство Скопје, срамота за Лекарската комора и лекарската фела.
„Ова е еклатантен пример за злоупотреба на својата функција како обвинител во корелација со Лекарската комора на Република Северна Македонија“, вели сопругата на починатиот Ибрахим.
Решението за отфрлањето на кривичната пријава не го добил ниту нејзиниот адвокат, но обајцата најавуваат дека ќе поднесат жалба до Вишото јавно обвинителство и претставка до Советот на јавни обвинители за нестручно работење на обвинителката.
Булент Ибрахим почина на 21 февруари лани, а беше опериран на 18 февруари во затворените хируршки сали на ПЗУ „Др-сци мед. К.Митаноски“. Операцијата ја направи лекарот Ѕвонко Николовски од ПЗУ „Јанита“ со анестезиологот Снежана Каваин. Против тројцата семејството поднесе кривична пријава лани на почетокот на март. Во февруари годинава обвинителката се извинила на сопругата на Ибрахим за тоа што предметот осум месеци стоел во фиока, а денес Обвинителството соопшти дека ја отфрла пријавата оти не е најдена лекарска грешка.
Лекарот Николовски лажно сведочел во Обвинителството, директорката на ДСЗИ демантира дека не се најдени пропусти во постапката
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова – Бухова, веднаш по објавата на соопштението на Обвинителството за одбиената кривична пријава се јави со реакција за наведени невистини во однос на податоците од Инспекторатот. Во соопштението стои дека пријавениот лекар кој го извршил оперативниот зафат, пред јавниот обвинител го негирал сторувањето на кривичното дело и потенцирал дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Лекарската комора и формираната стручна комисија во Министерството за здравство не констатирале пропусти во однос на неговото постапување како доктор.
„ Најостро демантирам дека ДСЗИ не нашол пропусти во постапката. Токму поради утврдените пропусти ние инициравме стручен надзор од Министерството за здравство, а по нашите наоди затворена беше хируршката сала ПЗУ ’Др-сци мед. К.Митаноски’, а Николовски доби забрана да работи надвор од просториите на ПЗУ ’Јанита’“, изјави директорката Сотирова – Бухова за „А1он“.
Наодите и се што е преземено за случајот на Булент Ибрахим Инспекторатот ги испратил до сите засегнати институции. Министерството за здравство, врз основа на констатираните недостатоци од ДСЗИ, му ја одзема дозволата за работа на лекарот Николовски, а поради истите наоди тој доби забрана за работа надвор од просториите на ПЗУ „Јанита“. Приватната здравствена установа се жалеше за решението за забрана, но второстепената комисија го потврди.
Семејството Ибрахим повеќе од една година чекаше на одлука од Лекарската комора и од Обвинителството.