Институтот за педагогија при скопскиот Филозофски факултет, од денеска до 21 септември во Охрид организира Mеѓународна научна конференција на тема „Педагогијата во современото глобално општество“.
Поводот е одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на Институтот за педагогија, еден од најстарите институти на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На Меѓународната научна конференција ќе учествуваат универзитетски професори и стручњаци од Македонија, Италија, Финска, Германија, Русија, Турција Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Романија, Албанија и др.
Научната конференција, според најавата од организаторите, ќе биде можност за разгледување на актуелни прашања и проблеми на воспитанието и образованието кои денес поминуваат низ состојба на криза и експанзија, на глорификација и негирање, на противречности меѓу теоријата и практиката.
На конференцијата ќе бидат разменети современи научни сознанија и позитивни практики за воспитанието и образованието согледани низ призмата на новите глобални општествени случувања.