Научен собир: АСНОМ-темелник на државноста, влог за иднината

Од:

АСНОМ е темелен настан за современата македонска држава. Без неговите одлуки во 1944 година, немаше да биде возможен ниту 8 септември од 1991 година. Денес 70 години по неговото одржување независна Македонија е исправена пред предизвикот да се гради како демократска правна држава, која се подготвува со сиот свој суверенитет да влезе во ЕУ.

Ова беше истакнато на научен собир посветен на АСНОМ и македонската држава што денеска го организираа Македонската академија на науките и уметностите и Институтот за национална историја.

Претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски истакна дека македонскиот народ заедно со сите малцинства, кои живееја во Вардарскиот дел токму повикувајќи се на правото на самоопределување, ја искористи историската шанса за државност создадена со Атлантската повелба од 1941 година на САД и Велика Британија, дека новиот свет по завршување на војната ќе биде уреден почитувајќи го правото на народите на самоопределување.

Правото на самоопределување до отцепување на македонскиот народ беше изразено, додава Камбовски и низ тоа што Републиката во 1946 година го донесе својот Устав со кој на федерацијата пренесе дел од своите суверени права, но задржувајќи го правото на отцепување. Уставот од 1974 година ја прогласи Македонија како држава на македонскиот народ и на албанската и турската народност, a направен е уште еден чекор кон конечната цел на таквиот пат, а тоа беше прогласувањето на независноста и самостојноста во 1991 година со референдумот и Уставот од 1992 година.

– Во тоа е големината и силата на АСНОМ како постојана инспирација не само за проучување на сите  аспекти, покрај историските, политиколошките, меѓународно-правните и други кон кои и овој собир ќе даде придонес, но исто така и давање една јасна слика на целиот 70-годишен период на развој на Република Македонија како држава. Во еден дел од својот развој како дел на една Федерација, сега во овој период на независност и самостојност таа се подготвува со сиот свој суверенитет да влезе во еден друг сојуз, а тоа е ЕУ, која е исто така еден современ вид на федерација на која треба да и пренесе важни функции, односно дел од своите суверени права во делот на економскиот систем, монетарната и царинската унија, вели Камбовски.

Денес, вели, е особено важно што ние ја конституираме државата како демократска правна држава, која е далеку од идеологии. – Правната држава има своја водечка идеологија, а тоа се демократијата, плурализмот, слободата и природните права на човекот и граѓанинот и почитувањето на сите колективни права.

Сите овие други идеологии од типот на 19. и 20. век, различните изми за правната држава претставуваат и треба да претставуваат едно историско минато. Тоа е поуката од ваквото опсервирање на еден 70-годошен развој на случајот на нашата држава. Од него исто така можат да се извлечат поуки за нашата иднина, порачува академик Камбовски.

Според него, ни претстои тежок период на конституирање демократска правна држава, која по својата приорода е политички систем кој наоѓа начини како да ги приближува измите, можните конфликти меѓу нив да не ги заострува до рамниште на социјални конфликти преку сочелување на различните погледи. Затоа таа треба да се однесува како некој чесен брокер, независен инструмент на помирување и артикулација на разлилните интереси. Тоа, оценува тој, може државата да го прави ако зајакнат институциите и со независно судство.

За него, АСНОМ ги спои сите стремежи за национална слобода и кај левите и кај десните сили  и таквиот пристап е најблизок до согледувањето на неговата суштина. АСНОМ беше создавање на државата. Државата во некои периоди може да биде и била под влијание на едни или други струења, политички или идеолошки, но битно е самото постоење на државата. Во историите на државите никој не го негира самото постоење на државата, само поради тоа што во опредлен период во нив завладеале назадни или ретроградни идеологии, вели Камбовски.

Според Драги Ѓоргиев директор на Институтот за национална историја, во сите дебати одржани во изминати седум децении АСНОМ само ја потврди својата безвременска димензија и значење како централен и темелен настан за современата македонска држава.

– Фактот што македонската држава веќе седум децении опстојува на меѓународната сцена најпрвин во Југословенската федерација, како рамноправна и конститутивна република со останатите југословенкси републики, а потоа од 1991 година како самостојна и суверена држава која основните државотворни постулати ги презеде од АСНОМ-ските решенија го покажуваат ненадминливото значење на АСНОМ за македонската држава. Придобивките на АСНОМ секојдневно ги уживаат веќе неколку генерации македонски граѓани. Но, АСНОМ не значи само минато. АСНОМ е основата на она што е денес Република Македонија  со сите свои достигнувања, но и на она што ќе биде во иднина како на внатрешен така и на меѓународен плам. АСНОМ всушност е државотворниот здив на современата македонска држава, кој мора да се негува и штити, рече пред учесниците на собирот Ѓорѓиев.

Би можело да ве интересира

Нов АСНОМ: Како до евроинтеграција на Македонија кога ЕК ги крши темелните вредности на ЕУ во Бугарија и Грција?

Горан Наумовски

МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија

ВРЕДИ почна да го реализира планот за албанска Академија, ќе ја финансираат општините со нивни градоначалници

Катерина Ѓуровски

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Влен: Академијата за науки и уметности на Албанците не треба да се гледа како контраст или паралелизам на МАНУ

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристат за други етнички заедници