На Факултетот за електротехника и информациски технологии денеска почнува шестиот семинар и натпревар во роботика RoboMac 2015 година.
RoboMac овоможува практична работа на студентите во областа на роботиката, размена на знаења и искуства и приближување на роботиката меѓу средношколската популација, а целта е да се популаризира роботиката меѓу студентите од Македонија и во Европа.
Учесниците на семинарот ќе присуствуваат на предавања и во мешани тимови, ќе ги склопуваат своите роботи, ќе ја развиваат нивната вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за финалниот натпревар.
Финалето на RoboMac 2015 година ќе се одржи на 13-ти овој месец во Македонската опера и балет (МОБ) каде што ќе бидат прогласени победниците во категориите: Сумо (два робота се борат помеѓу себе со цел едниот да биде исфрлен од рингот), Роботска рака (да се истакнат прецизноста, брзината и стабилноста на роботската рака која ги симулира движењата на човековата рака), Хуманоид (се оценува комплексноста на изведената точка), Трка (роботи кои следат линија и ќе се тркаат на патека), Right Target (роботите поминуваат по одредена шема пребарувајќи го точниот распоред на балони кои треба да ги дупнат по однапред зададен редослед), AI and PI (интелигентни агенти, програмирани на платформа Raspberry PI, ќе се натпреваруваат меѓу себе во логичкa игрa).