Под мотото „Стоп за лошите реформи во образованието“, наставниците, средношколците и родителите, утре излегуваат на протест пред Министерството за образование и наука, против, како што велат, една од најлошите образовни реформи – екстерното тестирање.
Протестот е во знак на револт заради отпочнување на екстерното тестирање без да се земат во предвид сите забелешки и напори направени во изминативе месеци да се оспори екстерното тестирање, кое во моментов на учениците може да им ги намали оценките в сведителствата, а на наставниците да им донесе казни.
„Овој протест не е да се спречи екстерното. Овој протест е против сите негативни реформи кои ги носи оваа нелегитимна влада! Со овој протест не мислиме да го спречиме екстерното кое стартува за неколку дена, туку да укажеме дека и покрај сите обиди, не најдовме ни еден аргумент кој би ја поткрепил тезата дека екстерното тестирање ќе го подобри квалитетот на образованието“, соопштуваат од Наставничкиот пленум.
Како што објави денеска и Средношколскиот пленум ќе присутсвува на протестот и безрезервно ќе ја даде својата поддршка на протестот утре.
-Ние исто така ќе ја поздравиме храброста и одлучноста на наставничкиот пленум, земајќи во предвид со какви притисоци беа соочени кога средношколците ја бојкотираа наставата и со каква истрајност не поддржуваа, а со уште поголеми притисоци се соочени сега.
Исто така ќе порачаме на сите тие што пробаа и се уште се обидуваат да ни го попречат патот кон подобро образование: Младината и критичната маса на Република Македонија не можете и не смеете да ја загрозувате. Колку и, од нејасни причини тоа да ви оди во прилог, нема да ви успее. Веќе се виде кои имаат кичма а кои, вечно ќе бидат под нечија команда, рече Ѓорѓи Ставриќ од Средношколоскиот пленум.
А.Б.