Наставниците и професорите од Средното општинско училиште „Нико Нестор“ од Струга, повторно се огласија со отворно писмо до јавноста, во кое укажуваат дека екстерното оценување претставува обезвреднување на трудот и деградирање на личноста. Тие го поддржуваат штрајкот на СОНК и веќе деветти ден ја бојкотираат наставата, објавува Мета.
„Бидејќи подолго време сме изложени на низа необјективни оценувања од страна на Министерството за образование и наука и нашата професија е доведена под маргините на секое достоинство, чувствуваме потреба да бидеме слушнати. Секој просветен работник кој совесно ја извршува својата работа, добро знае дека оценувањето, пред сè, претставува вреднување на вложениот труд. Екстерното оценување, спротивно на тоа, претставува обезвреднување на трудот на просветниот работник и негово деградирање како личност“, пишуваат професорите-штрајкувачи.
Во отвореното писмо понатаму се додава дека жртви на екстерното тестирање биле и професорите, но и учениците и родителите.
„Нашиот штрајк не треба да биде поддржен само од просветните работници, туку и од сите совесни граѓани што ја согледуваат реалноста и последиците од оваа состојба. Свесни сме за изгубаните часови и жалиме што нашите ученици не можат во нормални услови да го почнат второто полугодие, но се надеваме дека оваа краткорочна вонредна состојба ќе успееме да ја надминеме, а сè во интерес на подобро образование. Апелираме до целата јавност, родители, ученици, колеги, кои од свои причини не се со нас (но скриено и латентно го поддржуваат штрајкот), но и до надлежните институции кои во моментов немаат слух за сериозноста и за тежината на проблемите со кои се соочува образованието, да воочат дека се работи за нешто сериозно, дека нешто не е во ред, бидејќи една широка интелектуална маса решила своите права да ги бара на ваков начин“, пишуваат професорите од СОУ „Нико Нестор“.
Во отвореното писмо, тие побараа да бидат соодветно застапени во медиумскиот простор, во интерес на, како што велат, достоинството и квалитетот на образовниот систем.
„СОУ „Нико Нестор“ од Струга е мултиетничко училиште. Како и секаде каде има фреквенција на средношколска популација, можни се и одредени еуфорични искрења. Но, кога беа во прашање такви судири меѓу мешани етникуми, секогаш бевме третирани како медиумска сензација“, стои во отвореното писмо на професорите од Средното општинско училиште „Нико Нестор“ од Струга, кои штрајкуваат.