„Насилство во Центар“: По ослободувањето од обвинение на Рангелова, контролата на толпата префрлена кај Јанакиески

Од:

Во новото обвинение за „Насилство во Центар“, нема посочено кој директно и издавал инструкции на толпата пред општината во 2013 година, откако претходно, за ова се товареше експратеничката и ексоветничка во Центар, Даниела Рангелова заедно со осудените Томислав Лазаров и Јордан Ристовски. Откако Рангелова беше ослободена од обвинението, обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски пред судот посочија дека толпата станувала гневна откако Лазаров ќе го известел Јанакиески што се случува на седницата. Во старото обвинение, обвинителите ги посочуваа Ристовски, Лазаров и Рангелова дека преку пораки им кажувале на присутните пред општината како да се однесуваат.

„…Осудениот Томислав Лазаров кога ќе се создаделе услови за работа на седницата на Советот, од внатрешноста на салата за седници, по телефонска комуникација го известувал обвинетиот Миле Јанакиески, а веднаш по таквото известување, групата, меѓу кои…, станувале погласни, поагресивни и започнувале со насилничко тропање по бараката за да се оневозможи почеток на седницата“, пишува во новиот обвинителен акт, додека, во стариот стоеше: „Обвинетите … со умисла им помогнале на обвинетите Даниела Рангелова, Томислав Лазаров и Јордан Ристовски кои од внатрешноста на салата за состаноци, по телефонска комуникација, им давале совети-инструкции да бидат погласни, поагресивни и да почнат да тропаат, и тоа, најмногу во моментите кога имало услови за отпочнување со работата на седницата на Советот“.

Адвокатот Еленко Миланов, бранител на Миле Јанакиески, тврди дека поднесувањето на ново обвинение е поради тоа што Јанакиески успеал да ги оспори сите докази на Обвинителството. Доколку обвинителите не се одлучеле на овој чекор, ќе требале да го повлечат обвинението против Јанакиески, тврди адвокатот.

„Сите четири години, сето она што се оспоруваше од Јанакиески, се успеа и се оспори. За да тој остане во предметот, требаше да се најде нешто ново. Сите дејствија, кои таму постоеја, сега ги нема. Таму имаше дека преку Лазаров, Рангелова и Ристовски поттикнал тие да извршат дејствија. Сега, ништо од тоа нема. Ако веќе му веруваат на Лазаров дека Рангелова не е инволвирана во ништо, надвор од сите искази, зошто не му веруваат и кога кажува дека Јанакиески не е инволвиран во сето тоа? Лазаров не кажува дека за Јанакиески дека имал состанок претходно, туку дека за време на седницата можеби, не е 100 отсто сигурен, се интересирал што се случува. Што е тука спорно? И сега тоа испадна основниот елемент за товарење на Јанакиески“, вели адвокатот Миланов за „А1он“.

Осудениот Лазаров во февруари годинава сведочеше во „Насилство во Центар“

Осудениот Лазаров кој во 2017 доби условна казна за истиот предмет, во февруари годинава сведочеше дека никој од останатите советници, меѓу кои советниците Рангелова и Ристовски, немале контакт со Јанакиески, но и Божиновски кој не е во обвинението, освен тој. Лазаров како сведок посочи дека ги известувал двајцата за текот на седницата во Центар, по што по одредено време, поради демонстрантите немало услови за да продолжи седницата. Тој кажа дека немал насоки да управува со топлата.

„Во неколку наврати и во текот на денот и пред самото отпочнување на седницата, истото траеше малку подолго усвојувањето на дневниот ред, имав одредени контакти во вид на телефонски јавувања и СМС или ‘вибер’ пораки, не можам точно да се сетам, со тогашниот генерален секретар Кирил Божиновски, но и во неколку наврати со тогашниот координатор, Миле Јанакиески. Комуникацијата беше во правец на тоа да бидат во тек што моментално се случува во самата сала на Советот на општина Центар. Во меѓувреме, додека сето ова траеше веќе беа пристигнати и голем дел од протестантите предводени или да кажам условно официјално организирани од здружението Веритас, со што почна и ајде да кажам и голема галама, бучава и создавање на, односно немање услови за нормален тек на седницата“, изјави осудениот Лазаров.

Дел од обвинетите бараа предметот да се врати во доказна постапка поради новото обвинение, но тоа, не го дозволи судијата Душко Јосифовски. На следното рочиште, завршни зборови ќе треба да дадат останатите обвинети, по што, судот ќе донесе пресуда.

Би можело да ве интересира

И Врховен суд му ја потврди затворската казна на Груевски за „Насилство во Центар“

Ана Ололовска

Апелација ја потврди затворската казна за Груевски за „Насилство во Центар“

Миланов не е задоволен од пресудата за Јанакиески, најави жалба

Ана Ололовска

ВИДЕО: Фетаи ќе бара затворски казни за сите обвинети во „Шамарите”

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Затворска казна за Груевски, а условна за Јанакиески и извршителите за „Насилство во Центар“

Кристијан Ландов

Јанакиески бара ослободителна за „Шамарите“: Груевски замина, Рангелова ослободена и остана Миле да биде виновен