Извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден во која е наведено дека сите граѓани кои нема да ги почитуваат Преспанскиот и Охридскиот договор и што ќе работат против интересите на Западен Балкан ќе бидат ставени на црна листа и нема да им биде дозволен влез во САД, мислам дека е порака за сите што ги блокираат или сакаат да ги блокираат процесите во државата, оцени вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски.
– Се уште во детали го немаме видено овој документ, меѓутоа, може да потенцирам дека граѓаните на Република Северна Македонија цврсто се одлучија да застанат и зад Охридскиот и зад Преспанскиот договор и тоа се темелите на овој нов пат, на ова модерно општество трансформирано по европски терк со стабилни меѓуетнички односи, ориентирано кон напредок, развој, интеграции. Мислам дека ова е порака за сите оние коишто ги блокираат или сакаат да ги блокираат и кочат сите процеси во државата, рече Николовски во одговор на прашање за коментар на Извршната наредна на Бајден на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека врз овие два договори се темели на она што денес го работиме и го чекориме или се темели на овој модерен пат по којшто чекори државата за кој граѓаните дадоа максимална поддршка.
Вицепремирот истакна дека Наредбата е одлука на нашиот стратешки партнер САД која целосно ќе ја почитуваме и смета дека имаат причини зошто токму ова е потенцирано или ова се услови заедно со многу други во делот на корупцијата.
Граѓаните, нагласи тој, се изјаснија и постојано даваат поддршка на оваа генерација која што цврсто стои зад темелите на овие договори коишто овозможија денеска да бидеме дел од најелитниот безбедносен клуб НАТО и да разговараме или сме пред последните чекори за почеток и закажување на прва меѓувладина конференција на државата за преговорите со ЕУ.
– Тоа беа соништа на многу генерации и ние како генерација на млади политичари се сеќаваме на многу кампањи во коишто само се ветуваше остварување на стратешките цели на државата. Денес ние го живееме тој сон, односно денес се остваруваа стратешките цели на нашата земја и особено на генерациите коишто доаѓаат. Ја враќаме довербата во државата, во институциите, на младите, на граѓаните и токму овој денешен однос и начин и пристап на одговорност, неселективност, посветеност, отвореност, транспарентност е одлика на оваа Влада и на оваа генерација, потенцира Николовски.