Панче Ангелов кој на 27 април во Собранието ја кубеше за коса пратеничката Радмила Шекеринска денеска пред судот призна вина.
На прашањето дали доброволно го дава признанието, тој одговори потврдно.
Според обвинителката Наташа Кочовска признанието е околност за намалување на казната. Обвинителката рече дека кривичното дело е сторено без побуди и причини и дека судијката треба да ја земе предвид возраста на обвинетиот и тоа што не е осудуван претходно.
Обвиненитот ѝ се извини на јавноста и на Шекеринска и рече дека тоа што го направил било грозоморен чин.
„Сметам дека судот треба да има разбирање за мене и да ми одреди помала казна. Ако одам во затвор нема кој да се грижи за мене. Се каам за делото, ветувам дека нема да го повторам, немав цел да повредам никого. Сакав да ја тргнам госпоѓата Шекеринска од гужвата бидејќи некој од страна викаше: ‘не ги чепкајте жените’ и јас само сакав да ја тргнам од таму. Откако ја тргнав за коса, не направив друго ништо, немав цел да повредам никого. Можеби употребив малку повеќе сила“, рече Ангелов.
Неговиот адвокат, Драган Пешевски, побара најниска казна и потенцира дека обвинетиот дури пред неколку дена сфатил какви последици ќе му донесе стореното кривично дело. Тој очекува најмала казна иако е свесен дека тоа ќе биде казна затвор, но со оглед на сите околности се надева на условна казна.
„Сè уште се сеќавам на тој грозоморен чин. Среќа што денеска не требаше да сведочам пред судот. Ова е само уште еден доказ дека насилство постоело и дека полека почна да се признава тоа. Уште еднаш гледаме кукавички чин каде што наместо нарачателите пред судот ги гледаме само извршителите. Ќе го терам овој процес до крај за сите да знаат дека за насилство се одговара“, рече Шекеринска.
На прашањето дали би ја коментирала изјавата на Игор Југ дека ако сакал да убие некого ќе убиел, таа вели дека нема намера да коментира бидејќи тие што биле на 27 април во Собрание, секој ден ги менуваат нивните изјави, но случувањата во собранието сигурно не било покажување нежности.
Пресудата ќе биде изречена за една недела.
К. Ландов