Наместо затвор, Нефи Усеини доби казна под минимумот: парична глоба ќе треба да го натера да не тепа советници во иднина

Од:

Нефи Усеини, бизнисмен, охридски советник и претседател на огранокот на ДУИ во Охрид, доби осудителна пресуда за претепувањето на екссоветникот Џемал Мена за време на седница на Советот. За делото за кое се гони е предвидена казна од три месеци до три години, а судот во Охрид, на Усеини му изрече казна под законскиот минимум. Судијата изрекол парична казна, со која смета дека Усеини ќе го поправи своето однесување и нема да попречува лица во извршување на службена должност, ниту ќе помисли повторно да тепа како што тоа го направи повеќепати изминатите две години.

„Бил огласен за виновен, имал парична казна. Сега предметот ќе се прати во Апелација-Битола по жалба на пресудата“, велат од Основен суд-Охрид за „А1он“.

Пресудата иако се изрекува во името на граѓаните, нема да биде јавна ако истата не ја потврди Апелациониот суд во Битола. Ова е ново правило во охридскиот суд. Со ваквиот чекор, ќе остане „тајна“ кои биле олеснителните околности поради кои е изречена казна под законскиот миниум, што не е ниту условна осуда туку парична.

„А1он“ се обрати и во Обвинителството во Охрид. Оттаму, веќе поднеле жалба.

„Обвинетиот е огласен за виновен и му е изречена парична казна. Против пресудата ОЈО Охрид изјави жалба до Апелациониот суд Битола и тоа по два основи: за висината на кривичната санкција и поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка“, велат од ОЈО-Охрид за „А1он“.

Делото за кое се гонеше Нефи Усеини во овој случај е спречување службено лице во вршење службено дејствие, а кое е извршено со малтретирање на службено лице со телесни повреди. Во него стои: „Ако при извршувањето на делото од став 1 сторетелот го навредил или малтретирал службеното лице или му задал телесни повреди или му се заканува со употреба на оружје, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“.

Во конкретниот случај, според обвинителниот акт и сведочењето на Џемал Мена, бил претепан од Усеини. Обвинителот сметаше и докажа пред судот дека со употреба на сила, Усеини го спречил оштетеното службено лице Џемал Мена, советник во Советот на Општина Охрид, во вршење службено дејствие.

„Тоа го сторил на начин што за време на одржувањето на седница на Советот откако го прашал оштетениот како ќе гласа за точката која што била на дневен ред, а оштетениот кој претходно се изјаснил дека ќе гласа по свое лично убедување, му одговорил со зборовите: ‘Чекај, ќе видам’. Потоа, се приближил до него и со тупаницата од десната рака го удрил во пределот на левата страна од лицето, па кога оштетениот започнал да бега, обвинетиот продолжил да го брка, при што со раката уште еднаш го удрил во пределот на левата страна од лицето, а во два наврати со нога го удрил во средишниот дел од грбот и во пределот на вратот, при што му нанесол телесна повреда, изразена како набиеница во пределот на левата јаболчна регија на лицето и набиеница во пределот на десната лопатица“, стои во обвинителниот предлог.

Настанот се случи во јуни 2019 година. Обвинителен предлог се поднесе дури следната година. Првото судење се одржа на 1 јули минатата година, а судскиот процес заврши годинава. Ова е втора пресуда во една година за Усеини. Во првата, за тепањето на сограѓанин кој потоа кажа дека не бил тепан и не се чувствува за оштетен, Усеини доби ослободителна пресуда. И овој случај е во рацете на второстепените судии, по жалба од охридското обвинителство.

Би можело да ве интересира

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Лазаревска: СДСМ бара одговорност за отстранувањето на спомен плочата од НОБ во Охрид, Пецаков да не молчи

Левица: Нефи поддржан од Пецаков ја отстрани спомен плочата на НОБ во Охрид

Бизнисменот Нефи Усеини, кој тепаше и градеше дивоградби, поднесе оставка од советничката функција во Охрид

Кристијан Ландов

По четири години турбо работа: Обвинителство утврди дека пицеријата на Нефи е дивоградба и го гони

ЗНМ и ССНМ најостро ги осудуваат навредите од советникот во општина Охрид Нефи Усеини кон колешката Емилија Мисирлиевски

А1он