Владата на 61 седница, усвои дополнување на Уредбата за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, при што изрично се одредува дека сите активности за избор на органи на управување се ставаат во мирување.
Со оваа одлука, Владата се одзва на повик од страна на НАкС за допрецизирање на уредбата, со што повеќе нема правна дилема околу спроведување на изборите за ректор и Сенат на УКИМ.
Со оваа навремена и здраворазумна одлука на Владата се заштитуваат демократските принципи на универзитетите, но и здравјето на академската заедница. Со одлуката на Владата, реакцијата на Државната комисија за спречување на корупција, но и принципиелната реакција на Државниот трудов инспекторат, кој во јануари утврди нарушување на синдикалното здружување, се враќа надежта за поголема отчетност и респонзивност на институциите. Оттука, ги поздравуваме овие одлуки и ги охрабруваме и другите институции од областа на високото образование и науката да работат во заштита на јавниот интерес, се вели во соопштението на НАкС.
Академскиот синдикат очекува ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски да ги сопре постапките за избор на ректор и Сенат на УКИМ, се до завршување на вонредната состојба.