Независниот академски синдикат (НАкС) испратил допис до Собранието на Република Северна Македонија со кој бара да се усвои Законот за дополнување на Законот за исплата на платите во РСМ по скратена постапка, со што, како што велат од Синдикатот, ќе се реализира најавеното покачување на платите во високото образование и наука пред распуштање на Собранието.
-Потсетуваме дека на својата 131-ва седница, Собранието го усвои предлогот за донесување на овој закон, но за жал, претседателот на соодветната комисија, Влатко Ѓорчев, нема закажано расправа за овој закон. Сметаме дека покачувањето од 10 отсто што е предвидено со овој кој го предвидува овој закон е значајно за унапредување на позицијата на академската заедница, а за таа цел веќе се обезбедени средства од Буџетот на РСМ за 2020 година, се вели во денешното соопштение од НАкС.
Од Синдикатот бараат процедурата за овој закон да биде откочена и Собранието да го изгласа пред да се распушти, со што, како што посочуваат, ќе покаже вистинска грижа за високото образование во државата. Во спротивно, велат, ќе биде јасно дека покачувањето на платите за вработените во високото образование е предмет на предизборна политичка игра.
Дописот НАкС го испратил до претседателот на Собранието Талат Џафери и до претседателот на Комисијата за труд и социјална политика Влатко Ѓорчев.