Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Од:

На крајот на следната недела Институтот за јавно здравје ќе има податоци дали во моментов кај нас се шири најзаразната варијанта на коронавирус досега наречена „кракен“, која вчера беше потврдена и во Грција. Здравствените власти уверуваат дека оваа варијанта не е потврдена кај нас, но последното секвенционирање на позитивните примероци на ковид, е направено пред повеќе од еден месец.

Од Институтот велат дека последниве две недели, период во кој кај нас се преполнија амбулантите, а забележлив беше и благ пораст на бројот на новозаразени со Ковид- 19, не анализирале, но собирале примероци за анализа.

„Во моментов се прави селекција на соодветни примероци тестирани во повеќе лаборатории во државата согласно критериумите од стратегијата за секвенционирање  и се подготвува нова реакција на секвенционирање за крајот на следната недела. Новиот сој не е детектиран досега. Последното секвенционирање е направено на 05 декември 2022. Секвенционирани се примероци од 11 градови во Македонија“, велат од Институтот за „А1он“.

Секвенционирањето од почетокот на минатиот месец покажало дека кај нас доминира сојот омикрон и негови подваријанти, кои брзо се пренесуваат и даваат лесна клиничка слика.

Според податоците од Светската здравствена организација „кракен“ е најзаразната подваријанта на коронавирус досега, а првичните информации укажуваат дека предизвикува блага клиничка слика. Симптомите се речиси идентични со грип и настинка и вклучуваат кивавица, слабост, главоболка, зголемен секрет, болки во коските и замор. И покрај благата клиничка слика, Светската здравствена организација предупреди дека состојбата на заразените со „кракен“ во поодминати денови се комплицира и речиси на сите им е неопходна хоспитализација.

Комисијата за заразни болести за следната недела закажа состанок на кој ќе ја разгледува состојбата со короновавирусот кај нас која е оценета како стабилна. Изминатите две недели хоспитализирани биле 45 лица, 492 лица биле потврдени како позитивни на Ковид – 19 од 4.401 тестирано лица. Лекарите препорачуваат лицата кои имаат симптоми на коронавирус да се самоизолираат на пет дена, а останатите да носат маски на места на кои има метеж и покрај тоа што маските се уште се задолжителни само во автобус, во аптека и во болница.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски