Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изборниот ден го оцени како фер и демократски, кој поминал во мирна атмосфера. Тој кажа дека не се регистрирани посериозни инциденти или поголеми нарушувања на изборите.
„До 19.00 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 31,7 %, во споредба со изборите во јули 2020 година. Во вториов круг се регистрирани 114 пријавени настани, од кои најголемо намалување од 67% е забележано кај пријавените поткупи. Најголемиот број пријавени настани се на подрачје на СВР Штип – 50, 32 настани на СВР Куманово, 12 на СВР Битола, шест на СВР Скопје, пет на СВР Струмица, пет на СВР Тетово, три на СВР Охрид и еден настан на подрачје на СВР Велес. Најголемиот број на настани се однесуваат на: агитирање на гласачи – 83 настани, од кои 14 се отфрлени како неосновани, а по другите пријави се постапува. Притоа, во овој сегмент влегуваат и пријави за превезување на гласачи, вршење притисок/влијание на гласачи, носење на лични карти на гласачи, телефонски јавувања и др. изборен поткуп – 10 настани, од кои три се веќе отфрлени како неосновани, а за останатите се преземаат мерки за расчистување, вербални закани –три пријавени настани, злоупотреба на лични податоци – два пријавени настани, загрозување на сигурноста – два настани, од кои еден отфрлен како неоснован, додека за другиот се постапува, групирање на лица во близина на гласачко место- два настани, од кои еден отфрлен, а за другиот преземаме мерки за негово расчистување. Ова се покарактеристичните настани во текот на овој изборен ден, пријавени досега, но би сакал да ги споменам двете пријавени кривични дела, и тоа уништување на изборен материјал на подрачјето на ОВР Кичево, за што против лицето кое е приведено ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „уништување изборен материјал“ и повреда на тајноста на гласањето на подрачјето на ОВР Кочани за што ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „повреда на тајноста на гласањето“, рече Спасовски.
Министерот соопшти и дека пријавени се пет полициски службеници, од кои четири пријави се отфрлени како неосновани, а за петтиот се преземаат мерки и активности за расчистување.
„Со задоволство можам да констатирам дека Министерството за внатрешни работи, кое има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси, успешно ги презеде сите надлежности предвидени со Изборниот законик: од доставување на податоците за ажурирање на Избирачкиот список, преку обезбедување услови за мирна, целосно безбедна, фер и демократска атмосфера, како во текот на целиот изборен процес, така и на денешниот изборен ден, па сѐ до обезбедување, преземање и враќање на изборниот материјал во ДИК. Значи, МВР максимално подготвено одговори на предизвиците околу безбедноста на изборниот процес за што би сакал да упатам благодарност до сите припадници на полицијата за извршување на работните задачи на највисоко професионално ниво“, додаде Спасовски.