Преку Националниот натпревар за Мајкрософт офис специјалист, организиран од Сертиадриа, Македонија прв пат учествува на натпревар од светски рамки, покажувајќи ја подготвеноста и компјутерските вештини на учениците од основните, средните училишта и студентите на возраст од 13 до 22 години.
Вкупно 1.430 кандидати од цела Македонија, во период од ноември 2015 до мај 2016, полагаа 1.960 тестови за Word, Excel, PowerPoint од MS Office 2010 и 2013. Сите оние кои ги положија тестовите се стекнаа со глобално признаени сертификати, како потврда за основната ИТ писменост, потребна во секој процес на развој на професионалните способности.
Рангирани според највисоките резултати, најдобите 45 учесници денеска се натпреваруваат за титулата Мајкрософт офис специјалист на Македонија, во познавање на MS Word, Excel или PowerPoint.
– Секое знаење заслужува да биде признаено, но и потврдено со соодветна диплома. Нашата цел е да ги поттикнеме младите луѓе да покажат дека знаат, но и да го валоризираат своето знаење преку стекнување на сертификат препознаен и признаен секаде во светот, кој во образовната и бизнис заедница е единствен валиден доказ за поседување на компјутерски вештини. Одржувањето на ваков тип натпревари е само дополнителна можност за нашите ученици, да ги одмерат своите сили на светско ниво, а нивното знаење да биде наградено со патување во Орландо, Флорида, изјави Валентина Тасева, претставник на Сертиадриа и генерален менаџер на Семос Едукација.
Финалниот натпревар се одржува во i-bank store на Стопанска банка АД – Скопје, која целосно ќе ја обезбеди главната награда: патување на светскиот натпревар во Орландо Флорида на победникот кој ќе ја понесе титулата Мајкрософт офис специјалист на Македонија.
– Во економијата на знаење, луѓето во Македонија претставуваат нејзин најголем ресурс. На нив мора да им се даде пристап до стекнување на вештини за да ги користат можностите на информатичките и комуникациски технологии (ИКТ). Без овие вештини, луѓето имаат поголеми потешкотии за да најдат вработување. Основните ИТ вештини се пасош за нови можности за милиони граѓани и претставуваат структурен елемент за привлекување на инвестиции, иновации и отварање на нови работни места во глобалната економија, вели Љупчо Георгиев, генерален менаџер на Мајкрософт Македонија.
Од јануари 2016 година и Град Скопје стана партнер во организирањето и спроведувањето на првиот националниот натпревар за Мајкрософт офис специјалист, на тој начин што ги поддржа најдобрите 500 ученици од сите средни училишта кои се во негова надлежност, овозможувајќи им бесплатно полагање на официјален Мајкрософт офис испит. Покрај Сертиадрија, Мајкрософт Македонија, Стопанска банка и Град Скопје, националниот натпревар е поддржан и од Здружението на информатичари на Македонија, Општина Струмица и Семос едукација.