Најден може да биде посвоен откако ќе заздрави и во соодветна законска постапка

Од:

Новороденчето кое неодамна со повреди беше оставено во двор на семејна куќа во Арачиново може да биде посвоено само во согласност со неговите биолошки родители или по одземање на родителско право, ако полицијата ги пронајде. Доколку тие не бидат откриени, посвојувањето ќе може да се изврши во соодветна постапка откако на бебето ќе му биде доделен старател и ќе биде сместено во Домот за доенчиња или мали деца или во згрижувачко семејство, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

– За посвојување малолетно дете, согласно со Законот за семејството, потребна е согласност од родителите на детето. Во конкретниот случај доколку родителите на малолетното дете бидат откриени и се утврди дека се виновни за состојбата во која се наоѓа детето веднаш пред надлежниот суд ќе се покрене постапка за одземање на родителското право, како и други соодветни постапки. По одземањето на родителското право на родителите, ќе може да се отпочне со постапка за посвојување на малолетното дете. Доколку родителите не бидат пронајдени, Центарот за социјална работа најпрво ќе поведе постапка за евидентирање на детето во матичната книга на родени. Потоа ќе го стави под старателство, односно ќе назначи старател и ќе го смести во Домот за доенчиња и мали деца во Битола или во соодветно згрижувачко семејство, во зависност од потребите и најдобриот интерес на детето, се вели во соопштението од МТСП.

Во него се додава дека со оглед на тоа што за малолетното дете ќе биде назначен старател кој ќе се грижи за неговата заштита, лицата кои ќе сакаат да му помогнат, ќе треба да стапат во контакт со меснонадлежниот Центар за социјална работа и со неговиот старател, од каде што започнува постапката за засновање на посвојување.

– Сепак, напоменуваме дека детето во моментов е сместено на Клиниката за детски заболувања во Скопје и е под постојан медицински надзор и третман, имајќи предвид дека се работи за новороденче со видни физички повреди и се уште е во критична здравствена состојба. Засега не може да се предвиди натамошниот тек на здравствената состојба и покрај тоа што е констатирано минимално подобрување. Детето ќе биде под медицински надзор се до целосното негово заздравување, за што одлука ќе донесе стручниот медицински тим, се посочува во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

Би можело да ве интересира

Почина бебето Најден

Ана Ололовска

Малиот Најден успешно опериран

Емир Латифовиќ

Бебето Најден повторно се бори за живот

Ана Ололовска

Штипските актери организираат хуманитарна акција за новороденчето Најден

Ана Ололовска

Луѓе од дијаспората сакаат да посвојат Најден

Емир Латифовиќ