Над 815 милиони луѓе во светот се гладни, Македонија фрла 12.000 тони храна годишно

Од:

Не фрлајте храна, ако имате остатоци замрзнете ги или искористете ги при приготвување некое друго јадење, произведувајте повеќе со помалку и независно што работите (бизнисмен, професор, претставник на државна институција) или сте едноставно некој што сака да направи промена, заложете се против гладот.

Ова се само некои од пораките на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации, која наметна сериозна агенда: до 2030 година да се стави крај на гладот во светот, да се елиминираат сите форми на неисхранетост и да се создадат одржливи системи за храна.

Според ФАО, годишно се губи или се фрла околу една третина од храната произведена на глобално ниво.

До 2050 година се очекува населението во светски рамки да достигне девет милијарди, а за да се нахрани, земјоделското производство мора да се зголеми за околу 60 проценти.

– Земјоделците треба да најдат нов, попродуктивен начин за произведување храна и да ги диверзифицираат своите култури, а користењето интегриран пристап, не само што ќе им помогне да ја зголемат продукцијата и да остварат поголем профит, туку ќе го подобри и квалитетот на нивните површини, смета ФАО.

Според најновиот извештај на Организацијата, по период на опаѓање, гладот во светот е повторно во пораст. Денес, над 815 милиони луѓе страдаат од хронична неисхранетост или едно од девет лица. Притоа, 60 отсто од нив се жени. Конфликтот, екстремните временски настани поврзани со климатските промени и забавениот економски напредок ја отежнуваат борбата против гладот.

Како што вели и генералниот директор на ФАО, Хозе Грацијано да Силва, во интервјуто по повод Светскиот ден на храната лани најмалку 1,5 милијарда луѓе страдале од дефицит на микронутриенти што го поткопуваат нивното здравје и живот, додека 2,6 милијарди биле со прекумерна тежина, што е 30 проценти од светското население.

Гладот, според Да Силва, е главно ограничен на области погодени од конфликти, суши и екстремна сиромаштија.

Гладот убива повеќе луѓе на годишно ниво отколку маларијата, туберкулозата и сидата заедно. Околу 45 отсто од смртните случаи кај новороденчињата се поврзани со неисхранетост.

Гладувањето и натаму е секојдневие за 155 милиони деца на возраст под пет години, што го зголемува ризикот од болести, предвремена смрт и забавен ментален развој.

Загубите и фрлањето храна огромен проблем во земјите надвор од ЕУ

Во Европа и Централна Азија, особено во земјите што не се членки на ЕУ, загубите и фрлањето храна се огромен, постојан и комплициран проблем што се однесува на сите чинители во вредносните синџири за исхрана: политиките, економиите и пазарите, однесувањето на луѓето, културата, социјалните услови, технологијата, инфраструктурата и инвестициите.

Изразот „загуба на храна“ се однесува на загубите при жетвата. Главните причини се несоодветно складирање, лоши капацитети за чување и преработка на храна, несоодветно планирање на производството и лоши пазарни врски меѓу доставувачите и купувачите.

Причините, пак, за загубите на храна во малопродажбата, угостителството и домаќинствата се ниската свест и небрежноста.

Обединетите нации во 2012 година го промовираа предизвикот т.н. #ZeroHunger под мотото „Трансформација на нашите системи за храна за трансформирање на светот“.

– Може да се постигне свет без глад, крај на неисхранетоста и неправилната исхрана ако владите, претпријатијата, земјоделците, мултинационалните корпорации, производителите на храна, но и сите ние заедно дејствуваме. Изборот што секој од нас ќе го направи денес е клучен за иднината, децидни се од ФАО.

Клучните елементи во оваа насока се: достапност на храната (планетата е способна да ги нахрани сите, но од луѓето зависи дали храната ќе се распредели правично и притоа никој да не остане со празни раце), Добра исхрана (да се воспостави рамнотежа меѓу оние што јадат премногу или се хранат лошо и оние што немаат доволно храна), одржливо земјоделство (употреба на нивите, шумите, океаните и сите други природни ресурси неопходни за производство на храна, без да се нанесе штета на планетата) и искоренување на сиромаштијата.

Како што нагласува генералниот директор Да Силва, мора да се вложи колективен напор за здрава исхрана што подразбира создавање норми: етикетирање и забрана на некои штетни состојки, воведување здрава исхрана во наставните програми, усвојување методи за намалување на загубите и отпадот од храна, како и воспоставување трговски договори што не го попречуваат пристапот до локално произведена, свежа храна од семејните земјоделци.

Во една од препораките на #ZeroHunger пишува: хранливите оброци се приготвуваат брзо и едноставно, само со неколку состојки. Ако знаете некој ваков рецепт, поделете го со својот колега, пријател, со своето семејство или онлајн. Следете ги готвачите и блогерите на интернет за да научите нови рецепти, разговарајте со некој локален земјоделец и видете како тој ги приготвува производите дома.
Македонија фрла 12.000 тони храна, вишокот над 100.000 тони

Македонија е рангирана на осмото место во светски рамки по количина фрлена храна според бројот на жители. Околу 30 отсто од храната произведена или увезена во Македонија никогаш не се консумира.

Процените се дека фрламе 12.000 тони храна со кои може да се обезбедат по три оброка дневно за 26.000 граѓани, а вкупните вишоци надминуваат 100.000 тони. Според движењето „Ајде Македонија“, само во Преспа годинава се фрлени десетици илјади тони храна.

– Свеста кај компаниите и невладините организации се издига, се повеќе ни пристапуваат, а граѓаните се пријавуваат да волонтираат. Но, тоа што загрижува е свеста кај младите. За жал, тие израснуваат во класични „консумеристи“, кои сакаат нешто набрзина да дегустираат и да го фрлат. Свеста за храната е највисока кај повозрасните генерации, веројатно зашто живееле во време кога храната била луксуз и имала вредност. Денес, најголем дел граѓани имаат храна во изобилство, но се помалку ни текнува на другиот да му подадеме рака. Не интересира само сопственото задоволство, вели Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“.

При прослави или настани што се одржуваат во угостителски објекти, над 50 отсто од храната останува и потоа се фрла.
– Странските експерти кои за ова имаат истражувано не информираа дека ова се должи на културата, која налага „стегање“ во најголем дел од времето и за време на прославите треба да се покаже дека се има. Во поразвиените држави, каде што храната е далеку од луксуз, веќе одамна преку храната не се покажува дали некој има или нема, додава Јосифовски.

Во супермаркетите главна практика моментно е при истек на рок да се залепи уште еден ист производ со подолг рок. Во ваков случај најчесто се јавува проблем, бидејќи се „залажува“ купувачот, кој купува нешто што не може да го искористи за краткиот период и најголем дел од таа храна со краток рок од маркетите во целост домаќинствата ја исфрлаат, наместо производителите или маркетите.

– Тоа што преку системот за донирање вишок храна „Сите сити“ поминале десетици илјади порции одлична храна, многу зборува за брзото создавање свест и одговорност да не ја фрламе храната. Ги повикуваме бизнисите да ни се придружат во борбата против гладот и да не ја фрламе храната, туку да ја донираме, дополнува Јосифовски.

Претседателот на Националниот одбор на Слоу фуд Македонија, Николче Николовски, укажувана парадоксот дека

над 25 отсто од нашата храна завршува во отпад, а 20 проценти од населението не може да обезбеди еден оброк дневно.

Потребно е, напоменува, јакнење на свеста за овие прашања во Македонија, најмногу преку едукација, почнувајќи од најмала возраст.

Николовски смета дека иако нашите институции прават напори за стимулација на домашното производство, недостигаат визија и стратегиски пристап во решавањето на овие проблеми. Неопходни се заеднички обмислени и координирани мерки за креирање модели на локален систем на храна во кој ќе се стимулираат малите семејни фарми што користат одржливи методи на производство.

Потребна е и поддршка на директната продажба, како и на локалната мрежа за дистрибуција.

На тој начин ќе се врати суверенитетот врз нашата храна, достоинството на производителите, ќе се постигнат фер цени за нив и за потрошувачите, ќе се намалат губитоците на храна, но производителите ќе можат да се носат и со најголемиот предизвик на денешницата – климатските промени.

– Со либерализацијата на пазарот и се поголемиот увоз, се намалува домашното производство. Преку вклучување на се поголеми компании во фазите на производство, преработка и дистрибуција, се креира неповолна клима за домашните производители. Тие трпат постојани притисоци за да ги намалат цените, што го отежнува пласманот на нивните производи, а тоа, пак, генерира пазарни вишоци што не стигнуваат до трпезата на нашите потрошувачи. Дел од домашното производство останува неоткупено на нивите или во складовите поради неконкурентната понуда, укажува Николовски.

Училишни градини и донирање храна во десет града

Годинашниот Светски ден на храната повикува на акцијата – да се вратиме на вистинскиот пат. Младите се возрасните луѓе на утрешнината и тие ќе ја наследат Земјата.

Оттука, и Канцеларијата на ФАО во Македонија фокусот на предвидениот локален настан ќе го стави на младата генерација. Заедно со Слоу фуд Водно и „Ајде Македонија“, во парнерство со Министерството за земјоделство, ќе го промовира глобалниот повик за заеднички, здружен напор кон здрава исхрана преку воведување здрава исхрана во наставните програми, усвојување методи за намалување на загубите и отпадот од храна и олеснување на пристапот до локално произведената, свежа и хранлива храна од семејните земјоделци.

Со поддршка од Град Скопје, ќе почне и кампањата за „Училишни градини“, чие воспоставување во основните школи ќе овозможи од најмала возраст да се гради свеста за локален систем на храна, одржливо производство, намалување на фрлената храна и на гладот до нула проценти.

„Ајде Македонија“, дополнително, утре ќе организира и донирање храна во десет града низ земјава. Од 10 до 19 часот ќе бидат поставени штандови „Нахрани 10.000“. Движењето апелира да се донира храна со подолг рок на траење.

Би можело да ве интересира

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски

АХВ: „Атлантик Штарк“ повлекува бисквити поради можност за присуство на надворешно тело

Дурмиши: Ќе има намалување на цените на основните прехранбени производи

AХВ: Откриена е небезбедна храна во месарница и во супер маркет во Скопје

Горан Наумовски

Јајца Л класа, суџук, пудинг од чоколадо: Што ќе се јаде во охридскиот затвор годинава