Министерството за здравство информира дека над 50 илјади граѓани примиле вакцина против сезонски грип, а 59 илјади граѓани досега аплицирале за бесплатна вакцинација.
Во центрите за јавно здравје и здравствените домови континуирано се врши имунизација против сезонски грип, а со бесплатна вакцинација се опфатени следните ризични групи: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита постигнати се најдобрите резултати во историјата на медицината. Признаена е како една од најуспешните и најекономични здравствени мерки во светот што создава колективен имунитет.
Заинтересираните граѓани можат да се пријават за бесплатна вакцинација со пополнување на апликацијата на официјалната веб-страница – https://vakcinacija.mk, a потоа преку смс порака добиваат повратна информација за точниот датум, час и место за вакцинација.
Годинава, Министерството за здравство ја зголеми количината на купени вакцини, при што се купени 60.000 дози четиривалентни вакцини против сезонски грип наменети за бесплатна вакцинација.