Над десет жртви се утврдени во пожарот во модуларната болница за пациенти заразени со коронавирус во Тетово.
Раководителот на Ковид – центарот Гзим Нуредини за „А1он“ изјави дека ги пребројуваат настраданите, го утврдуваат нивниот идентитет и најави повеќе информации во текот на ноќта.
Дворот на болницата постојано се полни со роднини и пријатели на пациентите кои во паника чекаат вести за состојбата на нивните блиски.
Во Општина Тетово, каде што заседава Кризниот штаб, е и министерот за здравство, Венко Филипче.
„Во Тетово се случи несреќа која однесе повеќе човечки жртви. До моментов се потврдени десет загинати во пожарот, но бројката може да порасне. Ова е многу тажен ден, изразувам најдлабоко сочуство до семејствата“, извести министерот Филипче.
СВР Тетово официјално потврди само дека околу 21 часот од повеќемина граѓани било пријавено дека гори модуларната болница во Тетово, а градоначалничката на Тетово, пак, Теута Арифи, кусо изјави дека пожарот во модуларната болница многу брзо се раширил.