Национална комисија за дијабетес: Инсулините се од врвни производители, навремено се реагира во испораките

Од:

Националната комисија за дијабетес во врска со изнесените наводи на прес-конференција од страна на претставници на здруженија на лица со дијабетес информира дека сите инсулини кои се користат во Република Македонија се од врвните светски производители и се во употреба во најразвиените здравствени системи во светот.

– Тврдењата дека инсулините што се користат во Република Македонија се несоодветни и неквалитетни е целосна и исклучително опасна невистина, имајќи ги предвид големиот број лица со дијабетес тип 2 во Република Македонија кои користат хумана инсулинска терапија и се одлично регулирани, стои во реакцијата на Националната комисија за дијабетес.

Лицето кое во континуитет дава опасни и целосно невистинити изјави и кое се претставува како претставник на здружение на деца со дијабетес борејќи се за нивните права, се наведува во реакцијата, иако националното упатство за дијабетес воопшто не се однесува на дијабетес тип 1, по информацијата дека инсулините не дејствуваат, беше повикано да го пријави тоа во надлежните институции за да се испита вистинитоста на овие тврдења, но, за жал, никогаш не го стори тоа.

Инсулинските потреби на сите пациенти на инсулинска терапија, информираат од Комисијата, се целосно задоволени согласно прескрипциите на специјалистите и навремено се реагира во испораките доколку е потребно.

Со последната набавка овозможени се дополнителни 50 инсулински пумпи за децата со дијабетес тип 1, како и значително зголемување на бројот на бесплатни ленти за мерење гликемија: од околу 4 месечно што претходно ги добиваа пациентите со дијабетес тип 2 на инсулинска терапија, на 30 бесплатни ленти за мерење гликемија месечно. Бројот на бесплатни ленти за мерење гликемија кај пациентите со дијабетес тип 1 се задржа на 125 ленти месечно, што е повеќе од доволно. Со бесплатните ленти на лицата со дијабетес им следува и бесплатен глукометар, се вели во реакцијата.

Од Националната комисија за дијабетес потенцираат дека и лентите и глукометрите што се користат кај нас преку последната јавна набавка се исклучително квалитетни и прецизни и се одобрени и се користат во најразвиените здравствени системи, како што се оние во Европската унија и САД. Со тоа, посочуваат оттаму, дополнително е унапредена грижата кај лицата со дијабетес, имајќи предвид дека мерењето на гликемијата е основа за прилагодување на третманот за дијабетесот и спречување на дијабетичните компликации.

– Националната комисија за дијабетес е во постојана комуникација со претставници на Сојузот на здруженија на лица со дијабетес, со цел решавање на каква било потешкотија со која што овие лица се соочуваат. Доколку се вистинити наводите за неквалитетни инсулини и недостаток на инсулини, клиниките и болниците низ Македонија ќе беа полни со пациенти со акутни дијабетични компликации. Но, тоа не само што не е случај, туку бројот на акутните дијабетични компликации во изминатите две-три години се намалува. За жал, очигледно е дека пациентите стануваат жртва во беспоштедната борба за освојување на вредниот инсулински пазар во Република Македонија, се вели во реакцијата.

Би можело да ве интересира

Оваа година е најтешка за нас велат дијабетичарите

Протест на здруженијата на дијабетичари: Да се смени моделот на набавки за да нема доцнења

Новиот лек за дијабетес од типот 2 успешен и во лекувањето прекумерна дебелина

А1он

Лани во земјава 7432 новозаболени од дијабетес

А1он

Лицата со дијабетес сè уште чекаат на сензорите за безболно мерење гликемија

Катерина Ѓуровски

Студија: 21 отсто дијабетичари заразени со Ковид-19 умираат во рок од 28 дена