Во рамките на повеќедневната посета на САД и Вермонт, началникот на Генерал штабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, синоќа се сретна со неговиот домаќин командантот на Националната гарда на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј, а имаше разговори и со штабот на Националната гарда.
Како што соопшти канцеларијата на ГШ на АРМ, за време на средбата Котески и Креј го искажаа заедничкото задоволство од досегашната соработка, особено во делот на обуката и реализираните вежби, како и од заедничкото распоредување во мисијата ИСАФ во Авганистан.
– Генералите ја искажаа потребата од проширување на соработката и на регионално ниво, истакнувајќи ја можноста од реализација на заеднички вежбовни активности на армискиот полигон Криволак помеѓу армиите на земјите на САД – Јадранската повелба и нивните партнери националните гарди на сојузните држави на САД, стои во соопштението.
Во делот на операциите, посебен акцент бил даден на учеството и статусот на мисијата ИСАФ во Авганистан, каде се отвора нова можност за заедничка соработка и учество со тимови за асистенција и обука во пост ИСАФ мисијата „Решителна поддршка во Авганистан“.
На состанокот, генералот Креј ја истакна подготвеноста капацитетите за обука и едукација на националната гарда на Вермонт да бидат на располагање и за припадниците на Армијата на Република Македонија.
Посетата на Вермонт началникот на ГШ на АРМ денеска ја продолжува во Монтпелиер каде ќе оствари средби со заменик гувернерот Фил Скот, членовите на Комитетот за безбедност на Парламентарниот дом на Вермонт, а ќе го посети и Центарот за менаџмент со кризи.