На 15.02.2015 година на граничниот премин Табановце царинските службеници спречија обид за шверц на амфетамин.
Имено, на 15.02.2015 година, околу 22:00 часот, на граничниот премин Табановце за влез во Република Македонија се пријави патничко моторно возило со македонски регистарски таблички управувано од македонски државјанин. При претрес на патничкото моторно возило, во патна торба оставена на задното седиште од возилото во долна тренерка пронајдени се два црни чорапи наполнети со непозната густа материја со бела боја. Чорапите биле сокриени во двете ногавици од тренерката, поточно во поставата која потоа била рачно сошиена со конец.
По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, во координација со Основното јавно обвинителство – Куманово, веднаш се преземени активности согласно овластувањата во рамките на правосудната полиција, заради утврдување на сите факти и докази во врска со кривичното дело. Од спроведените предистражни мерки и активности, утврдено е дека непознатата материја, со вкупна тежина од 191,67 грама, преставува психотропна супстанција, стимуланс на централниот нервен систем – амфетамин кој е класифициран во листата на забранети опојни дроги и психотропни супстанции.
Покрај лицето кое го управувало возилото, за кривичното дело осомничено е уште едно лице државјанин на Република Македонија. Двете осомничени лица по претходен договор се сретнале во градот Бремен, Германија каде организаторот на транспортот му ја дал патната торба на возачот на автомобилот во која биле сокриени двете пакувања со амфетамин. Возачот, требало да ја пренесе торбата со амфетамин во Република Македонија за одреден паричен надомест.
Против сторителите, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство во Куманово.