На омбудсманот му е одобрена набавка на ново возило, но без шофер

Од:

Владата штеди пари на народниот правобранител. Македонскиот омбудсман, Иџет Мемети, денеска се пожали пред пратениците дека од година во година му се намалува буџетот, дека нема доволно средства за нормално функционирање и дека има недостаток на кадри, а Министерството за финансии не одобрува вработување на нови лица.

Мемети не бил ниту информиран за буџетот што Владата ќе му го додели на располагање во 2016 година, иако Владата има обврска да го извести. Се информирал преку сајтот на Собранието и констатирал дека ќе му бидат скратени голем дел од приходите кои ги добивал претходните години.

На денешната пленарна седница за Предлог-буџетот на Република Македонија за 2016 година, Мемети се пожали дека омбудсманот има неколку дефектни возила кои се неупотребливи затоа што нема доволно пари да се поправат. Владата му одобрила набавка на ново возило кое ќе се користи за гостите на народниот правобранител, но наместо бараните 1,5 милиони денари, Мемети ќе добие само еден милион денари.

-Ни овозможија само еден милион денари, значи ќе може да набавиме мало возило, но ќе немаме лице кое ќе го вози за да ги спроведе гостите. Останува неипочитувано барањето за исполнување на испразнетите места и покрај сите известувања и алармирања за недостаток на кадар. На омбудсманот веќе пет години не му се дава можност да вработи ново лице, а природно за овие години неколку лица ја напуштиле работата. За 2016 година платите и надоместоците се предвидени со помал износ од одобрениот износ за 2015 година, што е крајно неразбирливо – рече Мемети од собраниската говорница.

Со ваквиот предлог буџет, народниот правобранител не може да вработи нови лица иако, како што рече, недостигаат кадри во сите единици на канцеларијата. Отсуствуваат, рече тој, 14 истражители и советници за заштита на правата и слободите. Во единицата за превентивен механизам нема ниту еден вработен откако шефот на оваа екипа си заминал од државата и се вработил во канцеларијата на хрватскиот омбудсман.

-Остана уште еден кој од први декември нема да биде во работен однос. Не знам како ќе ја извршувам функцијата превентивен механизам со ниту еден вработен. Ако не се вработат луѓе во овој тим, овој тим треба да престане да функционира, иако е уставна и законска обврска – рече Мемети.

Тој побара од Владата и од Министерството за финансии да најдат начини со кои би се зголемиле приходите за непречено функционирање на народниот правобранител. Буџетот за 2016 година на омбудсманот изнесува 1,2 милиони евра, а во канцеларијата се вработени вкупно 74 лица.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Народен правобранител: Најдовме готови документи на граѓани, а МВР нема увид дека се подигнати

Горан Наумовски

Разрешени државните правобранители на подрачјата на Скопје и Струга

Народен правобранител: Да се создадат услови во училиштата за остварување на правата на детето

Наум Локоски

Согласност од Собранието за општите акти на Народниот правобранител

Наум Локоски

Народниот правобранител реагира за попречување на истрагата за приведените во протестите

Емир Латифовиќ

Правобранителот изразува загриженост за одлуката на Уставниот суд

Емир Латифовиќ