Поради немање пари, одржувањето на 26-от Охридски пливачки маратон е доведено под голем знак прашалник дознава А1, на само една недела до неговото одржување.
Комуникацијата помеѓу Пливачка федерација на Македонија и техничкиот организатор „Охридски бранови“ е сведено на нула.
А1 дознава дека проблем се парите. Буџетот на маратонот за техничка организација кој изнесува 20.000 евра, сега неофицијално бил сведен на 12.000 евра, што според нашите извори е недоволен за добра организација.
Низ Охрид се зборува дека годинава маратонот нема да се одржи, а поголем дел од кајчарите и флотата која ги следи секоја година маратонците од стартот во Свети Наум до целта на Градското пристаниште во Охрид се доведени во ситуација да не ни размислуваат годинава за маратонот, иако на една недела пред неговиот почеток се знаело буквално се околу неговата организација.
Од клубот „Охридски бранови“ кои се технички организатори не сакаат да коментираат ништо со образложение дека и тие чекаат ситуацијата да се среди. За маратонот кој треба да се одржи на 19. август според наши информации до сега се пријавиле најголем број учесници до сега, вкупно 32. Инаку Охридскиот маратон до 2004 година важеше за еден од најдобрите во светот после оној во Атлантик сити, но последниве неколку години неговото реноме е значително паднато.