Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 342 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 19 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 31 пациент, информира Министерството за здравство.
На инфективното одделение во Тетово има 23 пациенти, во Велес се лекува 31 болен, а во Куманово 46 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 40 пациенти, во Прилеп 28, во ковид центарот во Гостивар 16, а во Струга 18 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 20 пациенти, во Кочани 4 во Кичево 8, Кавадарци 39, во Гевгелија 5 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, велат од МЗ.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 591 и има околу 480 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, соопштува МЗ и додава дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.