„Кога дедо ми мислеше дека го победиле фашизмот, не знаеше дека неговиот внук ќе мора да го победува одново! Затоа сум антифашист“, ова е една од стотината изјави против фашизмот што се појавија на социјалните мрежи во пресрет на 11 октомври, денот на почетокот на антифашистичкот отпор во Македонија, во 1941 година. 74 години подоцна, на фејсбук голем број граѓани се декларираат како антифашисти и кажуваат што е причината за тоа.
„Со години, мотото под кое ја обзнануваме нашата активност во општеството гласи: Борбата продолжува!
Овој пат, по повод почетокот на антифашистичкото востание од 1941 година, се решивме секој од нас да го каже своето најинтимно поимање на антифашизмот и насјилниот порив кој нe’ води секогаш напред, секогаш во борба, против било која форма на угнетување и зло.
Смрт на фашизмот!“, пишува на фејсбук профилот насловен 11 Октомври 1941 – 11 Октомври 2015 Борбата продолжува.
Ова се некои од изјавите:
„Дедо ми во антифашистичката борба го ослобод Скопје, борбата за одбрана на градот продолжува низ генерациите…“
„Антифашистка сум затоа што никој не ми кажа дека ќе се повтори и дека ќе мора да го живеам. Но дилемата не е живеењето со фашизмот, туку кој ќе преживее: фашизмот или народот? И овој пат навивам за народот!“
„По многу години борба за самостојна држава, по многу изгубени животи, антифашистите го остварија идеалот за сопствена држава. Затоа сум Антифашист и ја продолжувам нивната борба!!!“
На социјалните мрежи вечерва се’ повеќе се шири акцијата „Зошто сум антифашист“.