Промените во мерките во новата Програма за директни плаќања во делот на финансиската поддршка за производство на јаболка, се направени по барање на производителите на јаболка. Конкретно, пред носењето на Уредбата за директни плаќања беа одржани повеќе состаноци со подсекторските работни групи во МЗШВ, во кои членуваат производители на јаболка меѓу кои и дел од организаторите на денешниот протест. Трансформирањето на субвенцијата за килограм предадено јаболка е направена по барање на дел од овоштарите кои протестираат и истата според нивните пресметки е вкалкулирана во субвенцијата за одржување на овошни насади со јаболка, се вели во соопштението на МЗШВ, по денешните протести на производителите на јаболка.
„Оваа година, финансиската поддршка за одржување на насади со јаболка се зголемува од 33.000 денари на 41.000 денари по хектар, а 20 отсто повисокa финансиска поддршка добиваат овоштарите со развоен потенцијал, поточно за оние овоштари кои имаат од 1 до 5 хектари поддршката расте од 39.600 на 50.000 денари по хектар. Дополнително сите овоштари од преспанскиот регион ќе добијат за 15 отсто повисока субвенција за подрачја со ограничени можности, или субвенцијата ќе биде зголемена од 50.000 на 57.500 денари по хектар.
Сите политики кои што се носеа, како и мерките од програмите за финансиска поддршка и рурален развој беа по претходна консултација со претставници од потсекторските групи, во кои членуваат производители на јаболка, меѓу кои и организаторите на денешниот протест.
Освен промените во Програмата за директни плаќања за 2019, МЗШВ по низа консултации со овоштарите лани со Програмата за 2018 ја воведе и интервентната субвенција која важеше до 25 декември 2018 година за производителите на индустриско јаболко, со цел да имаат рентабилно производство. Конкретно, производителите на индустриско јаболко кои го предадоа своето производство кај регистрирани откупувачи кои вршат извоз, ќе добијат субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка. Оваа одлука беше донесена со цел да им се помогне на овоштарите поради претрпените загуби во производството од временските непогоди. Досега, со помош на интервентната субвенција откупени се 45.000 тони индустриско јаболка, односно се 30% од вкупното производство.
Во однос на исплатата на оваа интервентна субвенција, сите потврди кои се поднесени во системот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделство и рурален развој се прифатени. Во моментов преку Платежната агенција се работат детални контроли на сите поднесени потврди, дали биле преку регистрирани преработувачи или регистрирани откупувачи, за да се утврди точно колку земјоделци и со кои количини во зависност од мерката имаат поднесено барања. Сите производители на индустриско јаболко што имаат поднесено потврда за дополнителни директни плаќања за интервентната субвенција од 3 денари по килограм индустриско јаболка, ќе ги добијат парите.
Инаку, со објавувањето на Програмата за 2019 година и трансформирањето на субвенцијата од килограм во единица површина, цената на индустриско јаболко се зголеми двојно, и сега индустриското јаболко се откупува по 2 денари за килограм.
Со цел да им се помогне на овоштарите од овој регион кои изминативе години беше најпогоден од временските непогоди, токму земјоделците од преспанскиот регион први ги добија парите за обештетување од временските непогоди. Владата кон крајот на април лани исплати 85 милиони денари за обештетување на 2.355 земјоделци во Ресен“, се вели во соопштението.
МЗШВ апелира до овоштарите да не подлегнуваат на манипулации. Изминатиот период, велат оттаму, министерството презема серија мерки за развој на овоштарството, вклучително и на производството на јаболка и сите мерки ги носи и ќе продолжи да ги носи во консултација со сите засегнати страни.