Координирање и заеднички настап пред меѓународните фондови на ЈП МЖ инфраструктура – Скопје и Албанските железници за обезбедување средства за железничко поврзување на Македонија и Албанија, односно изградба на пругата Кичево-Лин предвидува Меморандумот што денеска во Скопје го потпишаа директорите на двете компании, Ирфан Асани и Генци Ализоти.
Покрај тоа, со Меморандумот се предвидува и размени на искуства, информации и идеи за поврзување на железниците на двете земји и за одредување на точките на поврзување меѓу железниците.
– Меморандумот предвидува двете компании заеднички да се координираат за побрз и заеднички настап пред меѓународните фондови за изградба на коридорот 8, поточно поврзување на Црното со Јадранското Море со железничка инфраструктура. Од македонска страна веќе е изготвен идеен проект за изгрaдба на пругата од Кичево до албанската граница и сега се работи на изведбениот проект, кој ќе ги покаже точките на поврзување на двете железници, рече директорот на МЖ инфраструктура Асани.
Тој посочи дека очекува до 2022 година целосно да биде функционален коридорот 8 и прецизира дека нема да може да се каже кои ќе бидат точките на поврзување меѓу железниците на Македонија и Албанија без да се изготви главниот проект за македонскиот дел од пругата.
– Македонија покрај со Албанија веќе има потпишани договори за соработка со железниците на Грција и Косово, а наскро се очекува да се потпишат со Бугарија и Грција, нагласи Асани.
Директорот на Албанските железници, Генци Ализоти рече дека Албанија е многу заинтересирана за железничко поврзување со Македонија.
– Албанија треба да доизгради само 2,8 километри железница од Лин до границата со Македонија, за што го има завршено главниот проект. Се чека само да се утврдат точките на поврзување меѓу двете земји, а токму овој Меморандум е база двете страни да го направат тоа. Радува фактот што и од македонска страна се придвижуваат работите, рече Ализоти.
Тој посочи дека е убеден оти железничкото поврзување ќе се случи наскоро.
– Меморандумот е почеток на поблиска соработка меѓу двете железници која ќе резултира со изградба на коридорот 8 во скоро време, рече Ализоти.
Прашан што се прави за подобрување на безбедноста на железничките премини во Македонија, Асани рече дека согласно законските одредби надлежни за одржувањето на 276. вкрстувања на железницата со патната мрежа покрaj МЖ инфраструктура се и локалните власти и Јавното претпријатие за државни патишта.
– Согласно одредбите одржувањето на железничките премини 50 отсто е во надлежност на МЖ инфраструктура, а останатие 50 отсто во зависност од важноста на патниот правец со кој се сечат се во надлежност на локалната самоуправа доколку се сечи со локален пат или, пак,на Јавното претпријатие за државни патишта доколкусе сечат со магистрален пат. Правиме напори за потпишување договори за новно одржување но наоѓаме наотпор од другата страна. Доколку не успееме да ги потпишеме договорите ќе побараме помош од судските власти, рече Асани.