МЗ: Зголемувањето на платите за здравствените работници инвестиција во човечки капитал, во јавното здравство, но и во иднината на државата

Од:

Вработените во здравствените установи за сите здравствени и нездравствени работници кои беа вклучени и се уште се вклучени во работа со пациентите заболени од коронавирусот во нашата земја, доктори, медицински сестри, но и нездравствени работници болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош, ќе добијат награда од 20 проценти од основната плата за два месеци. Начинот на исплата ќе биде со платежната картичка која се чека да биде подготвена од страна на министерството за финансии.

Ова денеска го соопштија од Министерството за здравство од каде потенцираат дека во мигови кога целиот свет се соочува со криза за јавното здравје, јасно е дека здравството и здравствените работници се еден од клучните столбови во државата, кои се во постојана борба за справување со коронавирусот, но се и најизложени на ризици.

– Оваа награда е само дополнување на она на што веќе работиме подолг период во Министерството за здравство – вложуваме во човечкиот капитал, во јавното здравје, зошто знаеме дека само квалификуван и мотивиран медицински кадар е еден од основните предуслови за квалитетно здравство. Почнувајќи од 2018 година постојано вложуваме во вработените во јавното здравство и во споредба со декември 2017 година сега за илустрација само основната бруто плата на лекарот специјалист е зголемена за повеќе од 50 проценти, на медицинските сестри за 33 проценти, на општите лекари за 29 проценти, а на здравствените соработници за 15 проценти, не сметајќи ги наградите, изјавил министерот за здравство, Венко Филипче.

Првото покачување на платите во јавното здравство беше во септември 2018 година, кога на 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголеми основицата за плата за пет отсто, во јануари 2019 година, следеше дополнително зголемување на платите на здравствените работници, доктори, медицински сестри, болничари, техничари, пет проценти за медицинските сестри, осум на медицинските сестри на клиниките и 10 проценти за докторите специјалисти. Во септември 2019 година, потсетуваат од МЗ, за пет отсто беше зголемена платата на администрацијата во здравството. Со зголемувањето на платите за февруари 2020 година на лекарите специјалисти за 25 проценти, и на медицинските сестри за 10 проценти, се заокружува циклусот на покачувања на плати во здравството.

– За илустрација просечно пресметаната и исплатена платата за профилот наставен кадар во декември 2017 година изнесувала 87.517 денари во бруто износ и до февруари 2020 година е зголемена на 122.810 денари или 40,3 отсто зголемување на бруто износот. Просечната плата на доктор специјалист во декември 2017 година изнесувала 72.192 денари во бруто, а во февруари 2020 година е зголемена на 111.377 денари – зголемување од 54 проценти, додека кај доктор на медицина во декември 2017 година изнесувала 45.952 денари во бруто износ и во февруари 2020 година се зголемува на 58.991 денари, односно зголемување од 29 отсто. Кај медицинските сестри со ВСС во декември 2017 година просечната плата изнесувала 37.753 денари во бруто и во февруари 2020 година е зголемена на 50.376 денари, а кај медицински сестри со ССС во декември 2017 година изнесувала 28.814 денари и до февруари 2020 година се зголемила на 38.182 денари во бруто износ. Односно зголемувањето на просечната бруто плата кај медицинските сестри е 33,4 односно 32,5 отсто, појаснуваат од МЗ.

Кон овие зголемувања во платите, се подвлекува во соопштението, во текот на изминатите две години зголемени се коефициентите за исплата на дежурства на здравствените работници 4 до 5 пати и тоа 20 отсто зголемување добива наставниот кадар, 25 отсто лекарите специјалисти, 15 отсто општите лекари, 10 отсто медицинските сестри, и по 5 проценти здравствените соработници и помошно техничкиот персонал.

При тоа, Филипче истакнал дека иако ова е едно од најголемите покачувања на надоместоците во здравството со кои се зајакнуваат професионалните капацитети на здравствените работници, тоа, потенцирал, не го сфаќаме како трошок, туку како инвестиција во јавното здравство, но и во иднината на државата со оглед на тоа што имаме значителни подобрувања во сите сегменти на здравството, што директно ќе влијае врз одлуката на здравствените работници својата кариера да ја градат во нашето јавно здравство.

– Во мигови на здравствена криза како оваа која ја живееме денес, тоа се покажува како добра стратегија и инвестиција, вели Филипче.

Министерот Филипче потсетува и дека во периодот откога е на чело на Министерството за здравство, дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавно-здравствените установи во земјава, а за 15 проценти е зголемен капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија и одобрени се повеќе од 1.000 специјализации и супспецијализации.

Би можело да ве интересира

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

A1on

Лекарската комора ќе информира за преземените мерки за случајот со докторот од тетовската Болница

Ана Ололовска