„Партијата која носи предзнак на најголем криминал продолжува со старата практика – со создадени случаи да ги манипулира граѓаните.
Во текот на вчерашниот ден Министерството за здравство по институционален пат ги отфрли сите обвинувања во врска со паушално објавените наводи поврзани со реализацијата на проектот за изградба на КБ Штип – се по фактографска ретроспектива“, велат од МЗ.
„Но, за фактите да бидат појасни:
Во моментот кога стапив на функцијата министер за здравство, пред само две години, затекнав целосно застанат проект за изградба на болницата во Штип, затекнавме непотполн проект на кој што недостасува една цела фаза на електрика во машинството.
Во таа смисла, сакам да потенцирам дека дополнителните 7 милиони евра со кои опозицијата денеска по којзнае кој пат проба да создаде медиумски процес, и кои се предвидени за изградба на КБ Штип не се за зголемени трошоци, туку се неопходни заради имплементација на фаза на електрика во проектот за машинство. ВМРО-ДПМНЕ пушти во реализација проект без една од суштинските фази на секој објект, без кој што болницата не би можела да функционира! Користејќи ја нивната неспособност и пропусти сега сакаат да ја доведат целата јавност во заблуда!
Имено, во ваква затекната ситуација на објект кој е од јавен интерес за сите граѓани, продолжување со работите и завршување на објектот како функционална болница беше единствена опција.
Второ, сакам да потенцирам дека во ниту една јавна набавка, Министерството за Здравство нема никаков формалноправен однос со фирмите подизведувачи (во овој случај тоа е фирмата “Бетон” Штип). Следствено на тоа Министерството нема примено банкарска гаранција од подизведувачот Бетон Штип, туку банкарската гаранција е на име на фирмата изведувач на овој објект “Интракат”. Од моментот на потпишување на договорот па се до денешен ден, постои валидна и активна банкарска гаранција која е на име на изведувачот “Интракат”. Ова е ноторна лага која ја пласира ВМРО-ДПМНЕ.
Трето, долготрајните и строги процедури на кои што подлежи постапката за обезбедување на кредит од развојната Банка на Советот на Европа не дозволуваат отстапки во делот на Изведувачот – промена на Изведувачот и промена на банкарска гаранција за квалитетно извршување на работите. Фирмата изведувач на КБ Штип е фирмата “Интракат“ и истата од моментот на потпишување на договорот има депонирана валидна банкарска гаранција.
Уште еднаш, ја користам оваа прилика да ве известам дека сегашната влада работи исклучиво во правец на решавање на длабоко проблематичните проекти започнати пред повеќе години.
Од друга страна, еден од нашите основни приоритети е подобрување и зајакнување на здравствениот систем преку создавање на подобри услови за лекување. На тоа работиме и има евидентни резултати – не статистички, туку реални! И токму поради тоа, вложивме огромни напори во изминатите две години проектот КБ Штип да го доведеме до крај. Тоа сите го заслужуваме, ние лекарите подобри услови за работа, а граѓаните соодветни услови за добивање медицински услуги во болниците“, потенцираше министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче.